Каде брзаш?

Добивај вести на Viber

Каде брзаш? Озбилно прашувам каде брзаш? Стигна некаде? Пристигна некаде? Се виде со некој? Направи спомени? Кога ќе легнеш болен, тие за кои што брзаш ќе дојдат? Ќе те видат? Ќе ти помагаат? Кој ќе ти помогне? Сите оние за кои што немаш време од што брзаш? Кога ќе легнеш болен…кои спомени ќе ти пројдат низ глава? Како нервозно пцуеш на семафор? Како се гледаш со некој пријател на кафе на пол саат-саат и цел муабет е сведен на тоа како немаш време? Тоа малку време што го немаш, да го искористеше за нешто друго од колку кукање како се нема време, м? Да прашаше некој како е? Дали му треба нешто? Или се нема време? Фамилијата ти е само за викенд. Во работна недела си преморен од работа, за викенд сакаш да одмориш на раат… Зошто воопшто фамилија?За да бидеш чист пред светот? Ете, обврската кон општеството е завршена. Е баш ти фала! Тие деца растени без љубов и внимание, со куп играчки, мобилни и таблети, се вистински клетки на секое гнило општество. Препуштени сами на себе. Згрижени, најдени, обезбедени, но не и сакани. Ќе ги сакаш само тогаш кога од себе ќе скратиш за тие да имаат. Најмногу време, емоции, разговори…најскапите работи. Но не можеш да очекуваш скапи работи од евтини луѓе. За жал. Евтина роба во скапо пакување. Не се компензира така, но и се забележува. Запри малку. Размисли што сакаш. ТИ што сакаш. Не мора да е тоа што сите го сакаат или што сите го очекуваат од тебе. Не си тука да им угодуваш на сите. Ќе им угодуваш само на тие што ги сакаш, до таа мерка и ти да бидеш среќен. Не по цена на твојата среќа. Ама мајка ти сакала да бидеш доктор! Кој ја врти мајка ти! Ти што сакаш? ТИ!Да си музичар, уметник…да живееш на село а не во станот во центар што ги го купиле за да се каже пред колешките на работа: ете и стан му купивме… Батали тоа. Очекуван просек. Не е проблем да посакаш нешто просечно, проблем е кога ќе ти го наметнат. Ќе се чудиш после зошто не си среќен…дека животот е СЕКОЈ ДЕН! Одбери нешто што секој ден ќе те прави среќен. Запри малку! Животот доволно брзо поминува и без ти да го брзаш. За Женски Магазин, Огнените Ѕверови на Дамјана