Италијанскиот рапер Федез во соработка со Бершка
Модата и стилот, покрај тоа што се инспирирани од секојдневието и од судирот со различни култури, имаат и друг важен фактор, самата музика. Музиката не води и враќа кон различни модни поглавја. Мадона не воведе во светот на корсетот, Мајкл Џексон беше основата и главната инспирација како на многу музичари така и на модни креатори, вклучувајќи го и веќе познатиот Balmain, чии креации ќе ве потсетат на History турнејата на кралот на поп музиката во далечната ’97-ма.
Серијата „The Beverly Hills“ не вљуби доживотно во фармерките на Levi’s и кул Дилан изразот на лице, благодарение на наочарите за сонце Ray Ban. Ова се само дел од примерите кога модата ќе се спои со музиката и филмот, секогаш резултатот е безвременски.
За Федез би знаеле доколку сте од земјата на пицата и италијанскиот сладолед, веспа и мода, или доколку сте силно заљубени во италијанската култура и нивниот јазик како мене. Би можела со часови да зборувам на оваа тема, и да ви ги пренесам сите лични впечатоци и видувања при посета на убавата Италија. Но, сепак нашето внимание денес го посветуваме на Федез.
https://www.youtube.com/watch?v=lwgt3S3G29o
Федерико Леонардо Лучија, или на светската сцена познат како Федез, е мулти платина артист кој е добитник на многубројни награди, а воедно е и посилната половина на светскиот моден блогер Кјара Ферањи. Тиезаемно се силна инспирација и поддршка еден на друг кога станува збор за модата.
Кога би го погледнале Инстаграм профилот на Федез, ќе наидете на силна позитивна енергија, разнобојност и мешавина на стилови и принтови, вклопено во еден финален продукт и голем извор на инспирација. Ненаметливо свој, и главен обожавател на брендот Supreme, оваа светска ѕвезда со најновата соработка со Bershka, па, полека, но сигурно влијае и прави огромни промени во модниот свет.
За неговиот стил, тој обично го опишува како позитивно биполарен и уличен, игра од бои и смели комбинации. И самиот го преферира уличниот стил, па така и неговата нова линија ‘’Misunderstood“ во соработка со Bershka, е инспирирана од стилот на ’90тите. За оваа колекција, тој изјавува дека мажите во денешно време не би требале да се преоптоваруваат дали ќе носат розево или зелено, смели или покласични принтови, па така и сосема е јасно дека оваа порака ја носи и неговата колекција за Bershka 2017-та.
https://www.youtube.com/watch?v=8LX7BVLl5wg
Но, инспирацијата за оваа модна колекција не запира тука. Покрај неговиот стил, неминовно е да ги забележите и неговите тетоважи низ цело тело. За тетоважите, Федез вели дека секоја нова тетоважа е исто како да облекува нова маичка, па оттука неговиот омилен тату артист Ел Монга и неговата тату уметност, се всушност неговата главна инспирација за оваа колекција.
Bershka и Федез, уште еднаш ги освоија срцата на вљубениците на модата и музиката, ги обединија уличните стилови со уметноста што ја содржат тетоважите, и бестрашно ги поместија модните граници уште еднаш во ритамот на музиката на Федез.
Додека ја барате својата следна модна инспирација, или се мислите за посмела или покласична комбинација, во меѓувреме уживајте и поместувајте модни граници, со музиката на Федез.
За Женски Магазин, Нина Беадер,
Fb strana : https://www.facebook.com/ BeaderHristina/
Web Strana : https://ninabeader.wixsite. com/styleinmotion