КОМЕНТАР: Од „Доле“ до „Горе“

Добивај вести на Viber

Кога сите очи беа вперени кон македонските ракометари, а на полувреме жестоко се дебатираше за името и за идентитетот, го стартував серијалот „Досие субвенции“ за кој подоцна сфатив дека е всушност пандан на актуелните случувања. Премии и рекордери нема само во спортот, туку и во музиката. Патриотизам не е млатење празна слама на Вести, туку сериозни чувства кои мора де се преточат во песна. Ама тоа не го умее секој. Ми текна на неколкумина на кои студиозно им се посветив. Очигледно не ми ја сфатија намерата. Ги вратив на голема сцена, ама они не биле фалбаџии и се налутија. Некои медиуми експресно ги примија со раширени раце, па се вообразија. Почнаа да нè убедуваат дека се национално богатство. Чекаа аплауз. Да им кажеме „Алал да ви се парите“. Оние Вашите. И моите. Особено еден од нив кој по пауза од петнаесет години се охрабри да се фати за микрофон. Работел од утро до мрак за да им се најде и на колегите. И сега наместо да сме му благодарни, ние бараме влакно во јајцето. Дали повеќе песни кои сме му ги финансирале биле примени или одбиени. Дечки, изгледа сериозно ја утнавме. Стварно е греота такви уметници да не се наградат. Биле скромни и чесни, иако биле „истакнати“ и „врвни“, „ѕвезди“ за пример што се борат за семејни вредности и сонуваат многудетни семејства. На време си ги плаќале давачките и пак се фаќале за инструментите да творат. Не сакале да ги вознемируваат. И сега сериозно размислувам, си „веља“, кој сум јас да се бунам, па и вие нереализирани, исфрустрирани, тотално некомпетентни луѓе кои се дрзнавте да им го расипувате расположението. Факт е дека во земја како нашата каде не се регулирани изведувачките и авторските права, музиката како уметност функционира само преку спонзори, па макар тие спонзори биле и ние. Ама тоа не ни дава за право да ги оценуваме нивните дела. Се знае кој смее тоа да го прави. Косте кој беше премногу добар да стане првиот „Македонски идол“ и безвременскиот Васко Форти. Или евентуално они меѓу себе. Од „Доле“ до „Горе“. П. С. „Што е помала уметноста, толку е поголемо објаснувањето“. (Хилтон Крамер) Ѓорге Стојанов