Македонија против сексуалното вознемирување #СегаКажувам, #TaniTregoj

Добивај вести на Viber

Секоја жена треба да се брани од сексуални напади. И не само жените. Тоа може да се однесува на сите, без разлика на полот, возраста, верските или други убедувања. Вознемирувањата мора да престанат. Но, тие често продолжуваат затоа што виновниците и вработените никогаш не се соочуваат со последиците. Македонија конечно ја следи иницијативата против сексуално вознемирување. Ова се дел од приказните кои се споделуваат со хаштаг  #СегаКажувам#TaniTregoj На ликовна колонија, после ручек, ме вика директорот, 50+ годишен, да потпишам договор. Ме внесува во неговата хотелска соба, која за време на колонијата инаку ја дели со жена му. Таа не е внатре. Потпишувам, ме обиколува ми става раце на рамена и ми вика „ајде сад да те пољубим“. Не сакам да се бацувам со него, ама општеството ме учело да не бидам кучка, да бидам фина. „Само у образ“, му реков. Се обидуваше да ми ја улови устата додека јас упорно ги вртев образите и мислев само на вратата од собата. На крај попушти. Го исцинкарив кај еден повозрасен колега. Утредента, пред другите, ми рече „да он није мислио ништа лоше“, и имплицираше дека јас погрешно сум интерпретирала најпријателски гест. Имав 23 години и тоа беше првата ликовна колонија по студиите.
Состанок во голема компанија во која работев, на кој присуствуваат главниот директор, повеќе менаџери, како и други мои колеги. Станувам за да одам до тоалет, за потоа, откако ќе заврши состанокот, еден од колегите да ми каже како директорот кога сум станала упорно зјапал во мојот задник, а сите тоа го забележале. Пред сите тие луѓе, без срам, на сериозен состанок. Ако ситуацијава ја сместиме во диско, а тоа го прави кој било маж - зборуваме за меркање женска. Но, во споменатиот контекст и имајќи предвид дека се работи за претпоставен, ова слободно може да се нарече сексуално загрозување (иако нема физички контакт), понижување пред колеги и нарушување на интегритетот. #СегаКажувам #TaniTregoj
Бев средношколка. Малолетна и воспитувана да почитувам авторитети. Наставникот по ОНО со различни постапки се изживуваше, злоупотребувајќи ја позицијата на моќ. Сите бевме задолжени да дежураме на портирница. Играв табла кога дежурав. Наставникот ќе дојдеше, ќе ни ги земеше коцките демек да не казни што играме табла во школо. Всушност за да си ги земеш назад требаше да се отиде кај него во канцеларија. Отидов еднаш и ми рече ,,Дај ми ги рацете“ и предавањето на пуловите беше со перверзно галење и влечење на рацете и чудна насмевка проследена со ,,и немој веќе да играте табла!“ Сега сум дел од образовниот процес. Ми се враќа сценава во глава, а и грижата на совест што не зборував за овој инцидент и со родителите и со другите наставници. #СегаКажувам #TaniTregoj
Бев во полициска станица да однесам пријава за настан во архива, веќе одобрен од општина. Шефот на смена ме однесе кај него во канцеларија за и тој самиот да ја разгледал пријавата, иако немаше потреба за тоа. Во собата на 3ти спрат бевме само тој и јас. Инсистираше да седнам веднаш до него. Ја гледаше пријавата повеќе од 15 мин. На крај побара мој телефонски број: за секој случај. Сакав да му го дадам бројот на организацијата која стоеше позади настанот. Тој инсистираше на мојот личен број. Му го дадов бројот, го запиша, ме погледна и кажа: Имаш многу секси бројче. Ми се јавуваше следните две вечери во 12 по полноќ без причина. Тогаш не кажав на никој. #СегаКажувам #TaniTregoj
#СегаКажувам#TaniTregoj Тоа што требаше да биде обична, деловна соработка брзо стана случај на сексуално вознемирување и насилство. Откако се потпиша договорот за соработка односите се сменија во корен. На едната страна во конфликтот остана тој - директор пред пензија со имиџ на моќник во браншата, а на другата страна младата жена - претприемач на возраст со неговата ќерка. На состанок ја викаше во четврток и петок вечер и со часови говореше бесмислици додека се налеваше со алкохол и сексуално ја напаѓаше. По неколку неуспешни обиди тој се надеваше дека со малку повеќе психичко насилство ќе успее да ја ,,скрши‘‘, па, за да и покаже кој е ,,газда‘‘, престана да ги плаќа обврските од договорот. Заслепен од суета не сфати дека е крај. Таа еднострано му го раскина договорот. Ги изгуби работата и приходите и мораше да ја надомести загубата за да обезбеди финансиска стабилност. Зголемувањето на платите на вработените се одложи за некое друго време, а двете нови вработувања за проектот никогаш не се случија. Кога по неколку години случајно го сретна на улица и рече: ,,Не Ве добив, но, Ви покажав дека сум посилен од Вас!‘‘