Животна училница // Приказни
Мамо, денес во училиште ме болеше стомакот
Мамо, денес во училиште ме болеше стомакот. Зошто сине, како те болеше, колку те болеше, да не беше гладен? Почнав јас со моите илјада мајчини прашања. Син ми смирено ми одговори: Не, мама, не бев гладен. Сакав да одам во тоалет. Но, малку ми беше грозно, па чекав да завршат часовите.
Неговиот детски искрен одговор ми ја распара душава. Додека ние тука се надмудруваме кој колку добил, кој колку не добил, дали овој директор е сменет или не, државата ја губи почвата за оние на кои најмногу им треба.
Како мајка, но и како човек, многупати сум се запрашала имаат ли тие луѓе од МОН или од Владата воопшто деца, за да видат во какви училишта минуваат најголем дел од своето време во текот на денот. Во училниците е како во врела кошница, која се загрева кога надвор е сончево. Дечињата таму зовриваат на столчиња по 8 часа дневно. Па на секој од нас, во такви услови, секојдневно би го болела глава. Салите каде треба да се одржува часот по физичко со полни со прашина, стари и скоро нефункционални, а децата имаат итна потреба од раздвижување кое секако е добредојдено за нивниот развој. Тоалетите… Е тие се посебна приказна. Можат да бидат извор на милион зарази. Стари, рѓосани, со расипани чешми, неприлагодени на детската возраст. Загадениот воздух е посебна приказна…
Некој ќе рече, па ние како сме растеле. Ве молам не го враќајте минато. Тоа нема да донесе ништо добро за никој од нас. Ајде сите заедно да направиме нешто сега, за подобра иднина на нашите деца. Светот секогаш оди напред и се развива. Ако сакаме и ние да го фатиме тој развој, мора да почнеме со коренити промени во образовниот систем. Џабе е трудот и настојувањата децата да бидат во училиште, ако тие училишта не се функционално подготвени и приспособени на детските потреби.
Можеме ли барем еднаш да не бидеме малициозни и да се договориме за заедничко добро на нашите деца. Не е доволно да се смени само Кембриџ. Мора да се направат и други промени. Во училиштата треба да има лулашки, играчки, топки и многу други реквизити за игра. Да, тие им требаат на дечињата за социјализирање. Тие се алатки кои помагаат вистински децата да бидат деца. Не можете да очекувате децата само да впиваат податоци. Тие не се машина. На децата им треба и простор за игра. Игрите се добри за нивниот развој. Игрите се поефикасни од седењето во столче. Нашите дечиња не се службеници кои мора да бидат седнати на столче.
Затоа, за вистински потреби, драги реформатори, почнете со вистинска анализа. Какви се и кои се потребите на одредена возраст. Кои се практиките кои навистина ќе бидат од корист. Какви се реалните услови низ Македонија...Само така ќе најдете одговори на проблемите кои со години не мачат. Само така ќе создадеме генерации зрели и успешни млади луѓе.
Времето тече. Неповратно. Време за нови проби, за жал веќе нема.
За Женски Магазин, Вики Чадиковска