, ,

Мони Дамевски: „Македонија“ е фасцинантна серија

Добивај вести на Viber

Серијата „Македонија“  започнува да се емитува Тоа е серија на која се работеше две години. Снимањето се реализираше во Македонија, Хрватска, Франција и САД.  Во серијата, која според амбициозниот план треба да има  4 сезони и вкупно 80 епизоди, поревејува плејада од докажени актерски имиња меѓу кои се:  Мони Дамевски, Емил Рубен, Александар Михајловски, Александар Ристовски, Дејан Лилиќ, Марко Ковачевиќ. За серијата, разговараме со Мони Дамевски Женски Магазин - Дали сметате дека серијата „Македонија“ ќе и се допадне на публиката? Мони Дамевски -Во текот на повеќе од 40 години работа на полето на театарот и филмот, низ рацете ми поминале многу, многу драмски текстови и сценарија, некои од помалку познати, а други од многу познати, па дури и славни светски автори. Темата некогаш ми се допаѓала, некогаш не, зашто тоа е прашање на вкус. Но, квалитетот на сценариото е мерлива категорија која е секогаш видлива и јасна. Оттука, мислам дека ќе кажам се, ако речам дека сценариото за ТВ серијата „Македонија“ е најдоброто нешто што сум го прочитал на полето на ТВ продукцијата во текот на мојата професионална кариера. Извонредно напишано, а воедно и возбудливо, и како тема и како приказна, барем за мене, тоа ме плени при првото читање, а се вљубувам се подлабоко со секое наредно. Ако згора на тоа биде реализирана така како што до сега се работеше и ако изгледа како што изгледа промотивниот материјал што завчера беше објавен на YouTube, јас мислам дека никого нема да остави рамнодушен и незаинтересиран, а јас ќе бидам горд што сум дел од овој проект. Женски Магазин -Дали крајот зависи од љубовта? Мони Дамевски - За мене да. Зависи од нашата љубов кон ова парче земја што го нарекуваме татковина, и пред сè и над се од нашата љубов и почит кон нашите сограѓани. При тоа, љубовта за која зборувам не е филозофска категорија, туку е начинот на кој се однесуваме кон Македонија, односно Македонците. Зашто само така може да се измери вистинската љубов. Инаку, за каква љубов зборуваме, ако велиме дека ја сакаме татковината, а ги уништуваме нејзините шуми со пожари, или фрламе ѓубре на нашите улици и по нашите падини, или ги уништуваме тротоарите возејќи по нив со нашите автомобили. Истото важи и за нашите постапки кон нашите сограѓани. Кога ќе умееме да ги сакаме, односно да ги почитуваме, да им помагаме и да соработуваме со нив, не врз база на нивната политичка или верска припадност, туку заради нивните вистински вредности-како луѓе, родители или професионалци-тогаш ќе имаме Македонија во која ќе биде радост да се живее и сите ќе ја нарекуваат своја, без при тоа да мечтаат да бидат дел од нешто друго. Женски Магазин - Вие бевте дел од екипата на серијата. Какви се впечатоци од снимањето? Мони Дамевски - Сѐ уште сум, зашто ние сè уште снимаме, а впечатоците се феноменални. Како што веќе реков, извонредни и јасни сценарија (што е сон за секој актер), исклучителна екипа, соработка и разбирање, третман како да сте ѕвезда (и во Македонија и во Хрватска) и навремено плаќање… напросто задоволство да се работи. Колку до екипата допре прашањето „Што е Македонија?“? Мони Дамевски - Би сакал да појаснам нешто за кое мислам дека има создадено голема забуна последниве неколку месеци, зашто гледам дека во јавноста доста се шпекулира за тоа. Имено, серијата „Македонија“ не е серијал на историски емисии работени за History Channel, туку играна ТВ серија. Со други зборови, станува збор за фикција - измислена љубовна приказна, авантура полна со страст, падови и успеси, чија цел е да ја возбуди, забавува, натера на размислување и понекогаш едуцира публиката што ќе ја следи, каде и да е во светот. Бидејќи во неа понекогаш патуваме низ македонската историјата, при обработката на историски настани и ликови кои фактички постоеле или се случиле, серијата се држи до историските факти. Патем, за мене и дел од нив беа фасцинантни, зашто не сум ги среќавал во литературата што сум ја читал до сега. Но, голем дел од ликовите, и во сегашноста и во минатото, се измислени, како што се измислени и нивните лични приказни. Е, тоа испреплетување на минатото и сегашноста, на фикцијата и реалноста, и оригиналниот начин на којшто е изведено, е тоа што оваа серија ја прави посебна и го плени секој што го читал сценариото.