ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ НА РОДЕНДЕНОТ: Интимен концерт во чест на Тоше

Добивај вести на Viber

Скромна културно-уметничка програма е најавена за утре во спомен-куќата во Крушево во чест на роденденот на Тоше Проески. Музичката манифестација ќе започне во претпладневните часови со локалното дуо „Кики и Пеце“, а свои настапи ќе имаат и хорот на СОУ „Наум Наумовски Борче“ и сопранистката Билјана Јосифов придружувана од клавијатуристот Сашо Николовски. Претходно, во 11:15 часот ќе биде положено цвеќе на вечното почивалиште на легендарниот македонски пејач. На одбележувањето на денот на раѓање на Проески свое обраќање ќе имаат градоначалникот на Општина Крушево Томе Христоски и директорката на спомен куќата Елена Мирчевска. Свој придонес во организацијата има и в.д. директорот на Македонска филхармонија, крушевчанецот Виктор Илиески, информираат од општина Крушево. Низ годините на различни начини се одбележуваше роденденот на Тоше. Од масовни концерти со пејачи од целиот Балкан кои пееја во негова чест до прикажување на интересни аудио и видеозаписи кои претходно не биле објавувани. Пред четири години, овој датум беше одбележан со промоција на книгата „Ова не е крај“ на Соња Алексоска-Неделковска. Последните години, овој ден да се слави во поинтимна атмосфера. Со дозвола од фондацијата „Тоше Проески“ повеќе хуманитарни активности традиционално ќе бидат реализирани и во неколку други градови. „Тоше има само датум на раѓање“ е мислата која секоја година на 25 јануари ги обединува фановите од поранешните ју-простори. Фановите се во исчекување на нов материјал од поп-ѕвездата кој фондацијата го најави минатата година на одбележувањето на десетгодишнината од смртта на Тоше со промоцијата на песната „Light the flame“. Точниот датум на издавање на албумот сè уште не е прецизиран. Проески утре требаше да полни 37 години. За Женски Магазин, Ѓорге Стојанов