Интервјуа // Интервјуа
ОТВОРЕНО СО ПЕЈАЧКАТА РОСАНА САРИЌ-ТОДОРОВСКА: Без Маријана, душата ми е на половина
Како деца ќе излезевме пред зграда да си играме. Маријана секогаш ќе излезеше прва, ќе се искараше со некое другарче, ќе го натепаше и ќе избегаше дома. Во меѓувреме, ќе излезев јас и ни крива ни должна ќе добиев ќотек, зашто децата мислеа дека сум Маријана.
За сестрата близначка, Маријана, вели дека тие две се една душа во две тела. За нивните големи хитови „Признавам“, „Едно срце имам душо“, „Стој“, „Ако не исчезнам“ народот одлучи да станат евергрини. Со својот вокал, харизматична појава, песните и скромноста, Росана Сариќ- Тодоровска важи за една од омилените фолк и поп пејачки кај публиката за сите времиња. Сестра и Маријана долги години живее во Австралија, а Росана со својата музичка кариера продолжи сама, се до пред неколку години кога реши да се повлече, најмногу поради како што вели неправдите на фестивалите. Купувачите прво со неверување реагираа, а потоа ја охрабрија на нејзината нова работа, во една од продавниците на фирмата „Стружанка“ во центарот на Скопје. Како од сцената со публиката, така и во продавницата со купувачите, Росана им возвраќаше со љубезност и со насмевка. Сега од текстилната индустрија се префрли во издавачка куќа, и вели дека е среќна на новото работно место, во книжара на „Култура“. Росана е радосна што таа и сопругот, актерот Ѓорѓи Тодоровски- Трупче добија уште еден член во семејството, зетот за ќерката Ивана, Џејмс, кој е Англичанец и ги вика мама и тато.
[caption id="attachment_12808" align="aligncenter" width="659"] Јас секогаш сум била помирна, попедантна за се, а таа попалава во секој поглед. Јас повеќе сакав и се трудев да помагам на мама, а таа секогаш се извлекуваше со изговор дека има за учење.-Маријана и Росана[/caption]
Женски Магазин- Како се вклопи на новото работно место во издавачката куќа Култура, што точно работиш и дали си задоволна?
Росана- Фантастично се вклопив на новото работно место во „Култура“, благодарение на несебичната помош од колегите. Тука сум во светот на книгите, зар не е волшебно? Има ли нешто поубаво од книга, од пишаниот збор?
Женски Магазин- Што те натера да престанеш да настапуваш и да снимаш песни, и како се случи тоа да се вработиш во трговија?
Росана- Се повлеков од естрадата поради неправдите, особено на фестивалите, од немање на вистинско мерило на вредности, и помалку заради моите работни обврски. Јас пак ќе пеам, ќе има нови песни за мојата верна публика и за луѓето кои што ме сакаат, а пресреќна сум што ги има во голем број, навистина. Но, пеењето нема да биде со голем интензитет како некогаш. Инаку, во трговијата сум скоро 18 години. Во фирмата „Еуротрејд“ бев вработена речиси 12 години, и благодарение на таа работа стекнав огромно и непроценливо искуство за работа. Потоа бев вработена во „Стружанка“, таму останав точно 5 години, и стекнав едно малку поинакво искуство. Еве, веќе 9 месеци сум во светот на книгите, во „Култура“.
[caption id="attachment_12815" align="aligncenter" width="658"] Фантастично се вклопив на новото работно место во „Култура“, благодарение на несебичната помош од колегите. Тука сум во светот на книгите, зар не е волшебно?.- Росана на работа[/caption]
Женски Магазин- Што ти велеа луѓето на претходното работно место во „Стружанка“ кога ќе те препознаеа, што ти велат сега?
Росана- Одредени луѓе што ме препознаваа беа на почетокот изненадени, мислејќи дека е скриена камера, хахаха. Но, пресреќна сум што немаше негативни коментари.
Женски Магазин- Се чувствуваше ли непријатно од љубопитните погледи или прашања од купувачите од типот: зар е можно ова да е пејачката Росана?
[caption id="attachment_12810" align="aligncenter" width="661"] Маријана изминатово лето дојде на свадбата на нашите деца Ивана и Џејмс. Морав некако да научам да живеам без неа, иако душата ми е на половина.- Невестата Ивана со мајката Росана и со тетката Маријана која ја вика втора мајка[/caption]
Росана- Напротив, имаше позитивни коментари од типот: „Браво, и овде си одлична, позитивна, насмеана и вредна. А, во поново време ми кажуваат дека сум на вистинското место. Во човек кој е вреден, трудољубив, чесен, искрен, и професионалец, луѓето тоа и тоа како го препознаваат.
Женски Магазин- Што ти недостасува, а што не ти недостасува од естрадата, настапите, фестивалите?
Росана- Ми недостасуваат добри песни и фестивали, дружења и снимања со колегите кои сме ги имале во едно убаво време. А, воопшто не ми недостасуваат патувањата и тоа брзо темпо. Некако се изморив.
[caption id="attachment_12812" align="aligncenter" width="657"] Ја омаживме нашата принцеза Ивана, и имаме фантастичен однос со зетот. Јас си го викам синот Џејмс, тој мене ме вика мама а сопругот тато.- Росана, Трупче, Ивана и Џејмс[/caption]
Женски Магазин- Размислуваш ли поинтензивно да и се вратиш на музиката, и под кои услови тоа би се случило?
Росана- На крајот на ноември, на фестивалот „Роса“ со колегата Горан Тодоровски, по подолго време испеавме преубава песна, песна преполна со емоции, „Мое се“, и бевме испратени од публиката со овации. За кратко време ќе снимам нова песна, а овој пат таа ќе биде посветена на мојот, (нашиот) брат Мирослав.
Женски Магазин- Лани на Златна Бубамара на популарноста ја доби наградата за трајни музички вредности, а истата награда пред неколку години ти ја даде и естрадниот магазин Бекстејџ, како и фестивалот „Роса“. Како ги доживуваш тие награди, како знак за завршување на кариерата или те тераат да размислиш повторно да запееш?
Росана- Наградите на „Златна бубамара“, „Бекстејџ“ и фестивалот „Роса“ ми се најдраги награди досега, затоа што се признание за нашата -мојата долгогодишна кариера во светот на забавната и народната музика или песна. Песните кои се врвни евергрини, и хитови кои постојат ќе се пеат уште долго. Наградите никако не се завршување на кариерата.
Женски Магазин-Кога последен пат се видовте со сестра ти Маријана, се научи ли да живееш со тоа дека не ти е во близина?
Росана- Со Маријана се видов во изминатово лето. Беше дојдена на нашата свадбена веселба за нашите деца Ивана и Џејмс. Морав некако да научам да живеам без неа, иако душата ми е на половина. Тагата и болката по неа некако ја компензирам со постоење на мојата Ивана, но страшно е тешко. Ние сме една душа во две тела.
[caption id="attachment_12814" align="aligncenter" width="660"] Среќна ме прават моите родители.- Росана со мајката и со таткото[/caption]
Женски Магазин- Кој ти е најдраг спомен од детството со Маријана?
Росана- Спомени од детството со Маријана имаме безброј, но овој некако е најинтересен. Како деца ќе излезевме пред зграда да си играме со нашите другарчиња. Но, таа секогаш ќе излезеше прва, ќе се искараше со некое другарче, ќе го натепаше и ќе избегаше дома. Во меѓувреме, ќе излезев јас и ни крива ни должна ќе добиев ќотек, зашто децата мислеа дека сум Маријана.
Женски Магазин- Во што сте слични, а во што различни сестра ти и ти, околу што најмногу се каравте или не се сложувавте?
Росана- Ние две сме исти, слични, но и различни. Можеби чудно звучи но така е. Јас секогаш сум била помирна, попедантна за се, а таа попалава во секој поглед. Инаку јас сум постара 15 минути. Јас повеќе сакав и се трудев да помагам на мама, а таа секогаш се извлекуваше со изговор дека има за учење, хахаха. Но, во душата и за ред други размислувања сме исти. Таа отсекогаш била вицкастата, а јас сериозната. Јас животот би го дала за неа без размислување, но длабоко знам дека и таа истото би го направила за мене. Никогаш не сме се карале ниту пак сме имале потреба од тоа.
[caption id="attachment_12821" align="aligncenter" width="661"] Додека работев во „Стружанка“, купувачите кога ќе ме виде прво мислеа дека е скриена камера.- Росана[/caption]
Женски Магазин- Според тебе, кој беше клучот на успехот на Маријана и Росана и тоа што песните денес ви се евергрини?
Росана- Клучот на успехот на Маријана и Росана е нашиот талент за добро пеење, интересноста како близначки, и прекрасните песни- евергрини напишани од рацете на еден од најдобрите, ако не и најдобар композитор Тоде Новачевски.
Женски Магазин- Летово ја омаживте ќерката Ивана за Англичанецот Џејмс. На социјалните мрежи, тој те вика мама. Каков е твојот и односот на твојот сопруг со зетот?
Росана- Да, летово што помина ја омаживме нашата принцеза Ивана, и точно е дека имаме фантастичен однос со зетот. Јас си го викам синот Џејмс, и имаме огромно заемно почитување. Тој мене ме вика мама а сопругот тато
[caption id="attachment_12813" align="aligncenter" width="658"] За долговечен брак освен љубовта и тоа како е потребно секој човек да биде спремен на компромиси.- Росана со сопругот Ѓорѓи и со ќерката Ивана[/caption]
Женски Магазин- Како е твојот сопруг, Ѓорѓи- Трупче, што е ново кај него?
Росана- Ѓорги е одлично, сега малку порелаксирано. Најновата претстава во Драмски театар „Лет над кyкавичкото гнездо“ му донесе и тоа како добра и забележителна улога, за која реакциите од публиката беа одлични, како и од неговите колеги исто така. Сега порелаксирано ужива во секој нов ден со нашата паметница, која ја имаме веќе 5 години, и без која не можеме, нашето кученце Лејди.
Женски Магазин- Важите за еден од најскладните бракови меѓу познатите личности, тешко ли е да се успее во тоа, што е потребно за долговечен брак?
Росана- За долговечен брак освен љубовта и тоа како е потребно секој човек да биде спремен на компромиси, тие се неизбежни. И меѓусебното почитување и другарство.
[caption id="attachment_12822" align="aligncenter" width="659"] Уживаме во секој нов ден со нашата паметница, која ја имаме веќе 5 години, и без која не можеме, нашето кученце Лејди[/caption]
Женски Магазин- Што ве прави среќни и што ве исполнува кога не работите?
Росана- Кога не работам, среќна ме прави семејството, пријателите, нашето кученце, честите посети кај моите родители, особено кога сме заедно со нашите деца. Среќна ме прават долгите разговори со сестра ми, со брат ми, среќна ме прават луѓе, искрени и со позитивна енергија. Тоа е животот.
За Женски Магазин, Милица Џаровска