Животна училница // Приказни
Сузана Наумоска Изида: Основав бизнис кога сите се сомневаа и имаа предрасуди
Започнувањето на сопствен бизнис може да биде проследено и со многу предрасуди од самата средина и однапред осуденост на неуспех и неприфаќање, но доколку имате верба во својата понуда, како и иновативност, креативност и оригиналност постои голема шанса да ги пронајдете вашите клиенти и корисници. Таква е приказната на Сузана Наумоска од Охрид која пред дваесетина години го стартуваше првиот козметички салон со многу надежи и самодоверба, во време кога претприемништвото беше во самиот зародиш, а општествените услови многу тешки и непредвидливи. Денес брендот Изида може да послужи како пример за истрајност, а приказната на Сузана Наумоска ја претставуваме одблиску со цел да делуваме инспирирачки за сите кои сакаат да започнат свој бизнис.
Како го започнавте вашиот бизнис, Охрид е најразвиениот туристички центар во Македонија, па како салонот за убавина Изида Спа се вклопува во оваа приказна?
Наумоска: Компанијата почна да работи во 1994 год. со козметички салон на изнајмен простор од 20 м2, со еден вработен козметолог- основачот. Во тоа време, капацитетот на работење изнесуваше еден клиент на час, а се нудеа десетина козметички услуги. Само по шест месеци, бизнисот почна да се развива по нагорна линија, бројот на клиенти се зголемуваше, бројот на вработените паралелно растеше, така што денес „Изида“ работи во сопствен простор од 120 м2 со деветмина вработени, со капацитет од 10-15 клиенти на час и со палета од над 100 понудени услуги.
Првичниот мал козметички салон прерасна во мини СПА- центар со најсовремена ИПЛ & ИРФ (ласерска радиофрекфентна) технологија и со стручен тим вработени: физиотерапевти, козметолози, естетичари. Последнава денеција козметологијата прераснува во барана професија, а козметиката станува дел од современото живеење. Козметичките салони и „Изида“ како лидер во регионот во оваа бранша, полека стануваат неразделен дел од севкупната туристичка понуда на регионот во велнес и спа.
На што сте најмногу горда од досегашните постигнувања и што ве мотивира и предизвикува да продолжите со работа?
Наумоска: Започнувањето сопствен бизнис е придружено со ризици и со неизвесност, а во периодот на деведесеттите години малкумина беа подготвени да станат претприемачи и да одговорат на предизвикот за самовработување. Моето незадоволство од работата во државните институции ( лаборант во Општата болница во Охрид) , немањето можност за искажување на моите креативни способности, чувството за неискористеност на сопствениот капацитет и општата ограниченост, како во работењето така и финансиски, ме натераа на возраст од 21 година да започнам сопствен бизнис. Згора на тоа, успешното санирање на сопствениот проблем- акнозна кожа, како и траумите низ кои поминав обидувајќи се да ја санирам својата кожа, ме мотивираа да го пренесам моето искуство и да им помогнам на други. Со мал почетен капитал, со голема љубов и верба во козметиката, со поддршка од семејството, но судрена со голема недоверба и однапред осудена на неуспех од целото опкружување, започнав сопствен бизнис во козметиката под мотото на божицата Изида ,,Преобразба и плодност’’ (преобразбата како суштина во козметиката, а плодноста во однос на растежот на бизнисот) .
Колку е тешко да се води бизнис во Охрид и општо во Македонија, кои се вашите досега најголеми пречки и што ве мотивира да продолжите понатаму?
Наумоска: Покрај вообичаените проблеми кои го следат започнувањето на секој нов бизнис, еден од главните проблеми со кои се судрив во периодот на деведесеттите години беше разбивањето на постојните клишеа, предрасуди и стереотипи и воопшто неприфаќањето на оваа професија во една мала средина. Погрешното сфаќање на важноста и видот на оваа професија, бараше дополнителни напори за да се истрае во процесот на промовирањето на козметологијата и многу умешност во креирање на пазарот.
Дали клиенти треба да бидат само жени, или и мажи? Што ке каже средината ако и тие се негуваат? Дали корисниците на услуги ке бидат етикетирани? Како да се подигне свеста во вистинската насока и оваа професија правилно да се разбере?
Повеќе од јасно беше дека треба да се работи на подигање на свеста за оваа работа.
Од друга страна, пак, влегувањето во секторот услуги со нова понуда, истовремено значеше и неможност да се црпат специфични информации за поставување и за организација на бизнисот по примерот „копирај од другите“. Непостоењето локални добавувачи на потребниот материјал и на опрема во тоа време создаваше дополнителни проблеми и бараше креативност во нивното разрешување.
Основен предуслов во истрајноста да се пласира нешто ново, е вербата во соствената успешност. Водена и мотивирана од девизата: „Човекот постигнува толкав успех, колку што очекува од себе си“, пристапив кон изнаоѓање начини за разрешување на проблемите.
За да се промовира козметологијата и за да се подигне свеста за нејзината важност и благодат за здравјето и убавината, започнав како уредник и водител на континуирана серија емисии на тема ,,Во светот на убавината’’, во партнерство со локалните медиуми.
Моите скромни посети на саеми и на конференции во најблиското опкружување во соседните земјси, односно во Софија и Белград, низ периодот се прошируваа во следење на најновите трендови кои се откриваа на саемите во Љубљана, Париз, Ница, Болоња... Контактите се ширеа а моите вештини се усовршуваа. Така, клиентите на Изида имаа можност да ги користат и најновите достигнувања во козметологијата без да патуват надвор од регионот. Денес поседувам над 30 лиценци и дипломи за работа и сум единствениот козметолог со мајсторска диплома од Занаетчиската комора, под покровителство на Комората од Кобленц (Германија).
Преку вашата работа им помагате на клиентите да се релаксираат од секојдневните проблеми, но како вие самите постигнувате баланс меѓу приватното и деловното?
Наумоска: Моето живење и работење за сите кои ме познаваат е пример за неисцрна енергија и за креативност на жената. Жена, мајка, сопруга, пријателка, хуманитарка ( член на клубон ,,Lions’’ од Охрид) и над сето тоа успешен менаџер на сопствениот бизнис. Жена со челична рака и свилена ракавица- така ме нарекуваат клиентите. Зашто жената толку тоа го поседува – моќ во дејствувањето, челична дисциплина и сензитивност за потребите. Погледнете во себе и откријте ги Вашата моќ и енергија. Бидете креативна и откријте го светот на отворените неограничени можности.
Кога сум на работа знам да се одморам, а исто така кога излегувам низ Охридските улици работам. Со ништо не можам да го заменам богатството на животни приказни и ситуации кои што ги чувам како ризница од книги со непроценливо богатство. Светот дојде во Изида, а со тоа ги допрев сите култури, вери и животни ситуации коишто ме научија да избалансирам помеѓу приватното и деловното.
Може ли да издвоите некој важен момент, совет или пак подадена рака кога ви било многу важно за унапредување на вашиот бизнис и како би ги советувале останатите жени, но и воопшти сите кои имаат претприемачки дух да ги препознаат можностите за сопствен бизнис?
Наумоска: Важен и интересен момент за мене беше коучингот со Ристо Иванов со ИМЕ програмата на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), имплементирана од Swisscontact, по програмата за подигање на женско претриемништво. Интересен момент после 23 години работа, некој да го проследи вашето работење и да ги детектира грешките, а воедно и да настане и финансиски пораст на бизнисот. Ристо спомена дека е тешко да се работи со жена која немала директор, но сепак ми беше задоволство што поминав низ коучингот и им препорачувам сите да ги користат овие алатки бидејќи, ние од излагањето може да видете колку сме се мачеле да постигнеме резултати. Денес тоа е достапно уште во STARTT UP бизнисите. Она што за мене претставуваше веќе завршена можност за заработка, со Ристо се доживеа и повторен економски раст. Дистибуција на бизнисот во хотели и повеќе ценење на професија која не беше прифатена во мали градови.
Неочекуван момент за мене беше добивање на наградата „Жена на 21 век“ во Белград, 02.12.2017, наградата беше доделена во 25 категории и ја добиваат најуспешните жени од областа на: бизнисот, модата, електронските и печатени медиуми, медицината, уметноста, индустријата политиката козметиката , туризмот, угостителството, образованието...
Агенцијата „Аирли Ниво“ е единствената која е официјален организатор на изборот за најуспешни, најпризнати и најпочитувани жени на кои им припаѓа наградата – епитетот НАЈЖЕНА НА 21 ВЕК.
Манифестацијата „Најжена на 21 век“ е една од најпрестижните избори од овој вид во овој дел од Европа.
Целото интервју читајте го на Фактор овде.