Интервјуа // Интервјуа
ТАЊА ЦАРОВСКА ОД АВСТРАЛИЈА: Работам на голем театарски проект
Македонската пејачка и авторка со интернационална кариера е еден од тројцата вокални солисти во претставата Memorial чија премиера е закажана на 3-ти март. Музиката е дело на Џаслин Пук, британска композиторка номинирана за престижните награди „Златен глобус“ и „БАФТА“
По одличниот концерт со Македонска филхармонија на 14-ти февруари, Тања Царовска ги спакува куферите и отпатува на другата страна од светот. Популарната пејачка и авторка со богата интернационална кариера која со години соработува со влијателни луѓе од светската музичка индустрија ја лоциравме во Австралија каде работи на голем театарски проект во продукција на театарската компанија „Бринк продакшн“.
[caption id="attachment_18735" align="aligncenter" width="651"] Царовска со актерката Хелен Морс која ја игра главната улога во претставата[/caption]
Станува збор за проектот Memorial по истоимената поема на Алис Освалд, дело инспирирано од античкиот еп „Илијада“ на Хомер, динамичен реквием за најголемите жртви во војната. Музиката е на Џаслин Пук, британска композиторка номинирана за престижните награди „Златен глобус“ и „БАФТА“. Царовска има креативен придонес на неколку од музичките теми со нејзини вокални мелодии и импровизации. Премиерата е закажана на 3 март на „Аделаида Артс Фетивал“, а потоа следуваат изведби во Мелбурн, Бризбејн и во престижната лондонска сала „Барбикан“.
- Работата и развитокот на претставата ги започнавме уште во Лондон, во јули минатата година. Прилично е високобуџетна, вклучени се околу двесте луѓе. Има два хора, статисти, актери и танчари и секако музичкиот ансамбл во кој јас сум еден од тројцата вокални солисти. Сите различни на свој начин и многу успешни во својот домен. Во тимот се сите фантастични музичари од Англија и од Австралија, само јас сум специјална од „наши краишта“ – се шегува Царовска.
[caption id="attachment_18736" align="aligncenter" width="629"] Во слободните денови ужива на плажа со ќерка си[/caption]
Тања ќе остане во Австралија околу пет недели, а на патувањето ја придружува ќерка ѝ Матилда. Вели дека деновите ѝ се прилично исполнети со работа, а слободното време го користи за „летен одмор“.
- Откриваме различни плажи, патуваме до околните винарии, возиме велосипед и запознаваме пријатели. Се дружам со колегите, со повеќето од нив веќе сум работела на проекти во Англија. Уживаме во австралиското лето – вели популарната пејачка.
За Женски Магазин, Ѓорге Стојанов