Животна училница // Приказни
Тетке, ај живти детево дај некоја паричка
На семафор чекам зелено. На прозорецот ми тропа едно раче. „Тетке ај живти детево дај некоја паричка“- ми кажува тоа малечко. Јас го вадам мојот сендвич и ѝ го подавам. Син ми кој ја следи ситуацијата, почнува да плаче. Ме моли да застанеме и да го побараме детето за да го однесеме дома. Знаеш ли мамо колку е тешко да си бездомно дете? Тоa нема да јаде, нема кој да го гушне, нема кој да му каже дека го сака, нема кој да му чита приказна додека заспие, нема кој да му донесе играчка или чоколадо…
Додека тој липта, јас се обидувам да го смирам, а во главата ми е хаос. Почнувам полека да објаснувам дека тоа не може да го направиме. Не е толку едноставно. Но, мора да му помогнеме мамо, упорен е син ми. Гледај тоа е босо, а надвор е многу студено.
Нормално син ми со сите негови забелешки е во право. Мене ми е криво дека неутешно плаче, барајќи од мене да ја решиме ситуацијата. Не ми е првпат. За жал, не можам да се убедам дека ќе биде и последен.
Она што во моментот ме вчудоневидува повеќе е фактот дека децата реагираат побрзо и посилно од нас. Бараат решение. Инсистираат на тоа. И не, не завршува само со обично ветување дека ќе се погрижам да најдеме начин да го решиме случајот. Знам дека како и многупати претходно, ќе ме проверува колку облека сме му однесле, ќе ме прашува дали сум му нашла дом… Илјада прашања ме чекаат со очекувања да ги решам.
Во тој миг сфаќам дека сите ние стануваме студени луѓе. Луѓе кои не реагираат на деца кои питаат, на деца кои се гладни или боси, на деца кои се злоупотребени. Сфаќам дека многу лесно прифаќаме дека тука нема систем. Уште пострашно е што ние не се ни обидуваме да го поттикнеме тоа. Па дури и за деца.
Ова со децата на семафори е криминал. Дело кое треба да е казниво. Тогаш, зошто сѐ уште има деца на семафори кои бараат паричка?
За Женски Магазин, Вики Чадиковска