Животна училница // Приказни
Утринско кафе со Александар Блажевски: Ме мотивираат приказните од Македонија
Со оглед на фактот дека моето утро, малку порано започнува од утрата на повеќето ваши читатели, првото кафе го пијам на работа. Станувам нешто по 06.00 и дома имам време колку да удрам туш и да се спакувам за во кола. Како голем кафе-љубител едвај чекам да стасам во Сител, каде што со мојот колега од вести Спасе и нашата стилистка Верче, го матиме првото матено од нога. Додека се подготвувам да влезам во студио веќе го мислам второто конкретно продолжено еспресо во голема шолја, која ми го подготвува Тина и која неколку пати ме предупредува дека машината уште не и е загреана, а јас ја напнувам… Влегувам во студио и заедно со моите гледачи го споделувам првото вистинско, јако и црно кафе…
Кога имате прилично динамична професија тогаш мотивацијата ја барате некаде попатно додека трчате од еден до друг состанок. Ја сакам оваа работа и доволен мотив ми е кога ќе ги видам колегите од редакција со веќе подготвени теми за другиот ден. Ние како Утринска редакција секојдневно создаваме по три и пол часа програма и по домашна продукција сме на самиот врв во нашиот медиум. Ме мотивираат приказните кои секојдневно ги споделуваат моите колешки, а кои ги носат од секој дел на Македонија, подеднакво како и приказните кои ги раскажуваат телефонски моите гледачи во живо. Убаво е кога знаете дека тоа што го работите ги допира луѓето. Мотив плус е сознанието дека го пијам првото кафе заедно со целата наша публика…
Работата во телевизија е тотално непредвидлива. Она што е сигурно е само фактот дека секој ден од 08.30 до 10.00 сум во живо, се друго е променливо. Најчесто во 10.30 имаме редакциски колегиум, кој некогаш знае да потрае. Како одговорен уредник, често и патувам во или надвор од земјава. Секој вторник после работа директно одам во некој од македонските градови, бидејќи во среда емитуваме во живо надвор од Скопје. Штом завршам со тој град, веднаш се враќам назад, другиот ден пак сум во живо од студио, а тоа треба да се подготви… Ќе дојде викенд и повторно патувања… Плановите тешко успеваат, а обврските се завршуваат во лет…
Професионалниот ден најчесто завршува доцна. Покрај обврските во телевизијата си имам на глава сам земено и други обврски кои сакам да ги постигнам. Најчесто доаѓам преморен и до доцна повторно на компјутер или на телефон се договараме за програмата утре. Сакам со другарите да заглавам во кафена… тоа ме релаксира и расположува. Знаете во кафеана се споделуваат тотално неважни работи, кои одлично ми доаѓаат по мноштвото информации од работа! Многу сакам спорт, па секоја прилика ја користам да одгледам нешто добро. Како верен фан на Барселона не ја пропуштам Шпанската Ла лига, ракомет Вардар мажи и жени, репрезентација… Ги сакам редовните пинг понг сеанси, посета на театар и кино со син ми Филип, како и за жал малубројните дружби во село, во природа или во некој од моите омилени градови низ Македонија…
Двете опции под еднакво ме радуваат. Огромен љубител на книги, кој во меѓувреме опасно заглави со серии. Пикбокс е виновен. Одеднаш моментално следам три серии и не можам да ги пофатам сите. Скандинавците се повеќе ме изненадуваат и со книги и со одлични ТВ серии… тешко е да се одлучам за едно од двете…