Животна училница // Приказни
УТРИНСКО КАФЕ СО Андријана Јаневска: По природа сум оптимист
Наутро станувам во 7 часот. Си варам турско кафе и го оставам да остине. За тоа време го спремам Димитар за на школо. Потоа го спремам Кристијан за во градинка. Пред јас да се спремам за работа, го пијам кафето проверувајќи мејл, и се организирам за тековниот ден.
По природа сум оптимист и самата слика која што ја гледам како цел, ме мотивира. Сакам да ги завршувам обврските во предвидениот рок, па тоа дополнително ме мотивира.
Ги подготвувам децата за училиште/градинка. Потоа имам часови на факултет, па одам на проба во опера. Завршувам околу 2-3 часот. Ги земам децата од училиште/градинка. Ако е убаво времето, одиме на лулашки или во парк. Летно време задолжително на сладолед. Потоа доаѓаме дома, ручаме и до вечерта сум со нив: пишување домашно, играње, бањање навечер. Ако е лето, цел ден сме надвор, до 21 часот, возиме велосипеди, играме фудбал. Секој ден гледам да имаме некакви активности. Уживам со децата.
Навечер гледаат цртани или заедно играме игри на компјутер (и мама игра:)). Гино често знае да направи вечера, па секоја вечер си седиме и разговараме (летно време во двор).
Книгите и филмовите се мое секојдневие. Омилена книга против депресија ми е „Случки“ од Данил Хармс. Филмови гледам навечер, откако ќе заспијат децата.
Обврските во студио ги завршувам исто така навечер. Кога имам претстави во опера, Гино е со децата, па можам да си дозволам да останам со колегите на пијачка после тоа. Секој човек мора да има барем малку време за себе. На тој начин ќе биде среќен, а тоа влијае и на луѓето околу него. За викенди не работам, секоја сабота одиме кај моите родители на ручек, а неделата ни е резервирана за шетање во природа, средување по дома, подготовки за работната недела.