Утринско кафе со Аркан Керим: Сѐ што ме опкружува ме мотивира

Добивај вести на Viber

Во приватниот сектор, работните обврски не познаваат работно време. Токму затоа денот ми започнува малку подоцна, околу 9 часот. Секако за убав почеток на денот неопходно е секое утро да се напијам турски чај кој ми дава енергија и концентрација. Следува консултација со колегите и подготовка на работна програма за тековниот ден. Сѐ што ме опкружува ме мотивира. Понекогаш креативноста и инспирацијата ми се поттикнати и од самите клиенти бидејќи мојата работа е поврзана и со што поконкретно реализирање на нивните желби. Имам динамична работа која бара голема посветеност и константно следење на сите актуелни случувања глобално во туризмот и постојано барање начин сето тоа да биде имплементирано и во нашата земја со цел подобрување на амбиентот во туризмот во Република Македонија и негова промоција. Во последно време пред се работам посветено на промените и поставувањето на правила на игра во законот за туристички агенции, потоа ги контролирам работите во Генералтурист каде што имам нов тим кој го воведувам во работењето. Посветен сум максимално на работните задачи. Бидејќи извршувам две функции, претседател на Туристичката Комора на Македонија при ССК, а воедно и менаџер на Туристичката агенција Генералтурист, постојано сум во движење. Како пример само изминатава година околу 200 дена бев на службени патувања како што се интернационални конференции, саеми, обуки, договарање на нови работи и нови проекти. Кога сум на патување работните активности потешко се усогласуваат, воопшто денот потешко се планира. Доколку станува збор за конференција обврските ми започнуваат многу порано, со планирани и непланирани состаноци, деловни средби и сл.. Кога се присуствува на саеми време за ручек скоро никогаш и да нема, претежно целиот ден ми поминува во изобилие од состаноци. Останува време само за преспивање со цел наредниот ден да бидам спремен за новите активности и обврски. Од толку патувања само 5-6 дена можев да се одморам во вистинска смисла на зборот. Голем дел од моите пријатели и познаници имаaт впечаток дека постојано сум на одмор но тоа воопшто не е така. Се случувало во еден ист ден да сменам и по 4 авиони со 5 различни временски зони, а истиот ден треба да имаш презентација да бидеш мотивиран и да не изгледаш уморен пред партнерите. Верувајте воопшто не е лесно сето ова да се издржи и некогаш си се чудам сам на себе како успевам сето ова да го изработам на најдобар можен начин, а притоа постојано да имаш енергијата и концентрацијата. Кога сум во Скопје денот ми завршува околу 20 часот и вечерта ја минувам со семејството или пријателите. Кога сум надвор од Македонија претежно сум на деловни вечери со партнери, но секако бидејќи имам многу пријатели и надвор од земјава, се трудам колку што можам да одвојам време и за нив. За жал обврските не ми дозволуваат, многу ретко, но секогаш кога можам одвојувам време да отидам во кино на некоја театарска претстава или и дома да погледнам некој добар филм или да прочитам некоја убава книга.   *Аркан Керим e претседател на Туристичката Комора на Македонија при ССК, и менаџер на Туристичката агенција Генералтурист