Животна училница // Приказни
Утринско кафе со Гоце Андреевски: Мир и љубов ми требаат на крај на денот
Денот ми почнува зависно од работните обврски. Кога моите ангажмани се со утринската програма на Телма, тогаш се будам во 5:30 и прво што правам е природен сок од лимон, портокал или друго овошје, а потоа го подготвувам и првото утринско кафе. Но, периодов е малку различно од вообичаено. Со оглед на тоа што останувам до доцна во ноќта на работа, најчесто до полноќ, утрата ми се единствениот дел од денот да се одморам. Денот ми започнува околу 10 часот, а неизоставен дел е повторно природниот сок, кој фантастично ми го буди организмот, потоа следува кафето, кое најчесто го подготвувам и го пијам сам, за да се расонам сам со себе, а и родителите веќе го имаат испиено • Веќе од 11 часот почнува турбо да ми станува денот.
Ме мотивираат мали, човечки и позитивни нешта. Во принцип сакам предизвици. За да се мотивирате, пред се мора да бидете позитивен човек. Да ја гледате секогаш светлата страна. Ме мотивира мојата динамична работа, се обидувам да бидам успешен во работните предизвици. Убавото сончево време знае исто да биде голем мотиватор за совршено да го организирам денот. Ме мотивираат моите родители, кои секогаш ме советуваат и го мислат најдоброто за мене. Ме мотивира создавањето на цврсти, суштински и трајни вредности. Ме мотивира мојот велосипед, за тоа што со него пристигнувам најбрзо до посакуваната цел, се релаксирам, трошам калории и се дружам со другарите. Се мотивирам кога пешачам и се искачувам на Водно. Мотив ми е правдината, да се борам за неа кога гледам неправди.
Периодов имам навистина многу обврски. Но, кога си ја сакате од срце работата, тоа се слатки предизвици. Причината е Европското ракометно првенство во Хрватска. Тв Телма врши преноси од овој шампионат, а јас сум домаќин на емисијата „Отворено за ракомет“. Секојдневното подготвување на сеопфатна програма која ќе ги задоволи сите вкусови, не е ни малку наивна работа. На работното место пристигнувам на пладне, а си заминувам дома на полноќ. Прво што правам е уредување и средување на емисијата, како да тече, а потоа веќе размислувам и договарам соговорници за наредните емисии во следните денови, бидејќи Отворено за ракомет се емитува секој ден, секако во живо, па морам неколку дена однапред да ги договорам соговорниците. Половина час пред емисијата веќе сум во шминкерница, оние редовни подготовки пред да почне програмата. Емисијата „Отворено за ракомет“ е нешто повеќе од 5 часа, во неа вршиме преноси од Европското првенство и правам анализа со моите соговорници за тековните натпревари. Се обидувам да не биде сето тоа монотоно и веќе видено, туку многу поразлично и со многу позитивна енергија, насмевки, шеги, забава…
Работниот ден ми завршува пред полноќ, бидејќи Отворено за ракомет завршува доцна навечер. После 5 часовна емисија најчесто се релаксирам во некое кафуле со другарките, а многу често и заминувам веднаш дома. Мирот, љубовта, тишината и смирената енергија ми се најважни после работните обврски.
И книга и филм сакам, но кога имам слободно време. Обично со книга во раце заспивам навечер. Тоа ми е делот од денот кога најмногу сакам да прочитам убави нешта кои ми даваат дополнителна убава енергија. А во кино не сум бил одамна, убаво ме потсетивте. Периодов имам обврски со Европското ракометно првенство, но кога ќе заврши ќе најдам време да гледам интересна комедија на големо филмско платно.