Животна училница // Приказни
Утринско кафе со Дени Станоевска Џидрова: Сопругот и децата се мојата движечка сила
Во текот на работната недела, секое утро ми започнува околу 07:15. Ги подготвувам децата за училиште и градинка и потоа се враќам дома, бидејќи моето работно време е од 09:30 ч. Сакам сама да го испијам првото утринско кафе додека убаво не се расонам. Секогаш сакам да ми е по мерка направено, е такво кафе ми подготвува мојот сопруг. Инаку денот секогаш почнува со брзање и подготвување за да се стигне секаде на време. Наутро знам и ручек да правам, да раскреваm по дома, а редовна пракса ми е простирање алишта кои останале од ноќната пуштена машина. Второ кафе задолжително пијам на работа во радио додека ми трае емисијата од 10-12 часот. Викендите се друга приказна, сакам да поспијам и ако немам други обврски целиот ден да го поминам дома во пижами.
Работниот ден секогаш ми започнува со музика, всушност и да не работев во радио постојано ќе слушав музика. Дома ретко слушам радио, само музика која јас и мојот сопруг ја сакаме.
Ме мотивираат мали нешта. Може некоја песна која одамна ја немам слушнато да ми го направи денот а и да ме измотивира за нешто што можеби одамна сум сакала да го направам а не сум го направила, па песната едноставно да ме поттикне. Голема мотивација за многу нешта ми се и децата и сопругот, тие се мојата движечка сила, ме мотивираат да бидам подобар човек, подобра мајка, едноставно да правам и невозможни работи. Голема мотивација за мене е и мојата мајка, која е мојот херој, човек кој и покрај големите предизвици во животот никогаш за ништо не се откажала, напротив се бори, оди напред и секогаш е насмеана. Ме мотивира мојата мала внука која е голем борец. Ме мотивираат трчањето и вежбањето преку кои запознав еден куп прекрасни луѓе. Буквално многу работи ми даваат поттик и мотив за да успешно чекорам во животот.
Во текот на денот имам премногу обврски кои пробувам да ги завршам за 24 часа. Сакам еднакво да се посветам на работата, децата, сопругот, пријателите но задолжително одвојувам време поминато само за себе. Како што кажав денот секогаш ми почнува со убава музика во чиј избор помагаат и слушателите на Антенна5 Радио бидејќи ние им ги пуштаме нивните омилени песни за денот да ни тргне на сите. Убаво ми е во радио, секојдневната комуникација со колегите ме исполнува бидејќи сите ги доживувам како едно мое второ семејство. По работата следуваат домашните обврски, обврските околу децата, разнесувањето по дополнителни активности. Во текот на денот сакам да прошетам, да се видам со некоја другарка на кафе а исто така во текот на денот се слушам по телефон со многу мои другарки па така да цел ден ми поминува во муабетење. Три пати неделно одвојувам за себе, одам на вежбање кое по никоја цена не го прескокнувам. Од минатата година почнав и со трчање и тоа навистина ме исполнува. Два месеци паузирам бидејќи не можам да трчам на загадениот воздух за жал…Остатокот од денот сакам да прошетам со децата или по дома да си играме, многу често правиме заедно колачи или било што друго, редиме коцки, читаме книги, а кога конечно ќе заспијат да остане малку време за мене и за сопругот. Знаеме да погледнеме некој добар филм или да помуабетиме што се случувало во текот на денот. Има денови во кои излегувам навечер со другарките или сопругот во театар или на некој добар концерт.
Морам да признаам дека порано повеќе читав книги, во последно време немам многу време за читање, но како и да е сепак одам и купувам книги, тоа го сакам, одиме и со ќерка ми купуваме книги за неа па најчесто периодов читаме детски книги. Во последно време дефинитивно многу повеќе сакам да погледнам некој добар филм, од бурното секојдневие тоа ме опушта. Најчесто завршувам со не изгледан филм бидејќи од премореност, заспивам…