Утринско кафе со Д-р Надица Јовановска Бошковска: Семејството и успехот ми се мотив, а сестра ми моја позитивна инспирација

Добивај вести на Viber

Денот ми почнува со гласот на син ми кој како аларм секое утро не буди околу 7 часот, велејќи мамо дојди, па одам да го земам од неговата соба. Тој е најранобуден и по него сите јас, сопругот и ќерка ми некако се раздвижуваме. Потоа јас спремам smoothie и кафе, додека сопругот задолжително мора да изигра нешто со нив. Тоа е веќе ритуал, без игра или во денови кога сме сите мамурни кратка епизода од некоја цртана серија, денот не може да започне. Следи облекување и подготовки за школо, работа, градинка. Значи првото кафе го пијам со сопругот но во лет додека сите овие паралелни активности се одвиваат.

Искрено, многу работи ме мотивираат кои со еден збор би ги нарекла успех. За мене успех е баланс помеѓу работните обврски, хармонијата во домот и времето поминато со пријателите. Сакам и уживам во работата, ме прави исполнета. Сакам да одам на службени патувања, на службени вечери, сакам да дадам се од себе за студентите да ја разберат и засакаат материјата која им ја предавам, но исто така уживам во времето поминато дома со моите најблиски. Среќна сум кога играме различни игри како на пример Super Mario или Just dance што ни се моментален хит и денот не може да помине ако не се вклучи Нинтендото, но не можам и без пријателите. Уживам во нивното опкружување, уживам да се допишувам со нив на Viber, уживам да патувам со нив…

Прилично сум позитивен лик, но ете има и денови кога мотивот не е доволно јак и во тие денови сестра ми е правиот лик кој е тука за мене, односно правиот мотиватор.

Покрај секојдневните работни обврски, останатите се најчесто поврзани со децата односно пред се со ќерка ми. Таа оди на тенис, на STEM, па потребна е добра организација. Морам да признаам дека одлично се организираме со сопругот, а и бабите од време на време ги ангажираме и така обврските се успешно реализирани.

За викенди се трудиме колку можеме почесто да ги однесеме децата надвор од загаденото скопско опкружување и некако ова си го имам земено за обврска па навремено планирам локални „чисти“ дестинации.

И покрај сите обврски на мојата дневна агенда секогаш нешто се планира или е веќе испланирано. И планот не останува само план туку мора да се реализира. Секогаш се трудам барем 2-3 пати неделно да најдам време лично за себе, а најмногу се пронаоѓам во индивидуалното вежбање- fitness. Планирам навремено одмори, дружења, настани за цело друштво. Некако сето тоа и покрај што одзема време ме исполнува и ми дава мотив плус да уживам во денот.

Најчесто, како што ми започнува утрото така ми завршува и денот, со мојот сопруг. Откако ќе ги легнам децата а тоа е некаде околу 20:30 часот, останатиот дел од вечерта е наш. Уживаме во добра вечера, за која се трудам да биде лесна иако секогаш не ми успева … Често трчам на лента, бидејќи се трудам да се водам согласно девизата „во здраво тело здрав дух“ , но без добар филм или серија денот не го завршувам.

Понекогаш уживам во вечерните часови и само да молчам и да си сурфам на интернет или да си муабетам виртуелно во една женска Facebook група каде членуваме интелигентни реализирани „домаќинки“.

Да, како што споменав и претходно, добар филм или добра серија за мене е уживање. Ме релаксира и ме држи будна. Сакам трилери или мистериозни научни фантастики, сакам јака приказна која ќе ме остави замислена и ќе ме натера да читам потоа критики и различни размислувања за филмот/серијата. Исто така гледам и добри филмови кои се базирани на вистински приказни. Потоа се интересирам за ликовите од филмот кои биле вистински ликови, анализирам и често дискутирам со сопругот околу темата, ликот, проблемот.

Белетристика морам да признаам дека поретко читам, не дека не сакам но не е доволно долг денот за сѐ, а кога треба да бирам каков тип на книга да прочитам секогаш многу повеќе ме привлекува и се фокусирам на стручна литература, односно литература околу одредени иновации во областа на маркетингот, економски модели, бизнис стратегии односно книги кои може позитивно да влијаат на мене од професионален аспект. Нешто што сега го читам и е доста интересно за мене е: The CRM Handbook- A business guide to customer relationship management од Jill Dyche.

Без исклучок секоја вечер пред легнување читам басни, бајки и други кратки приказни за принцези, за светот, за планетите, за суперхероите итн. на моите деца, кои искрено и мене ми се многу интересни. Ме прави среќна што тие уживаат кога им читам и се надевам ќе успеам да им создадам навика за добра книга.

*Д-р Надица Јовановска Бошковска- директор на претставништвото на Европа Ре во Македонија и предавач на Универзитет Американ Колеџ во Скопје