Утринско кафе со Елена Романова: Среќна сум со моите обврски

Добивај вести на Viber

Денот ми почнува навистина многу рано, со оглед на тоа дека водам утринска емисија. Во принцип секогаш сум била ранобудник, така што станувањето рано воопшто не ми е проблем, напротив, сакам да го фатам буквално целиот ден кој следува. Некаде прочитав дека најубавиот период од денот во кој можете да си посветите некоја минута на личните задоволства, е токму утрото, па гледам да го практикувам тоа. 10 минути само за себе наутро, доволно е за убав старт. А да, многу се радувам зошто утринското кафе го пијам со Викса, па можете само да претпоставите колку добро и позитивно ми почнува денот. Во денот…ме мотивираат слушателите, прво и основно. Инаку секогаш, а така ќе биде и во иднина, ме мотивираат луѓето кои знаат како да ме направат среќна, а за среќа ги има многу. Ме мотивира брат ми, ме мотивира семејството, другарките…со толку многу љубов, мотивација има насекаде околу мене. Имам многу обврски, ама сум човек кој ги сака истите, па воопшто не ми е проблем да ги исполнувам сите. Во денешно време е реткост да работиш работа која навистина ја сакаш. Јас обожавам да бидам дел од програмата на Сити радио наутро и на Метрополис радио, попладне. Нешто кое е релативно ново се Фчерашни новости. Не можам да ја опишам среќата и задоволството што сум дел од еден ваков беспрекорен тим, кој внесува позитивна енергија во моето секојдневие. Среќна сум со моите обврски. Како беше она…работи го она што го сакаш и така нема да имаш ниту еден работен ден. Е така се чувствувам. По завршувањето на работниот ден, приближно во 19 часот, се посветувам целосно на луѓето кои го формираат моето најблиско опкружување и кои ги сакам најмногу. Без нив денот би немал никаква цел. Кафе, вечера, муабети, заеднички моменти…богатство, за убав крај на денот. Јас сум тежок љубител на филмот и книгата, до претерување. Ги сакам и двете и задолжително се дел од моите 24 часа. Помагаат да скршнеме од денот, а и тоа си има своја убавина.