Животна училница // Приказни
Утринско кафе со Емилија Вучиновска: Ме мотивира неуспехот и потрошеното време
Денот ми почнува многу рано, бидејќи станувам во шест часот наутро. Затоа утрото ми е поделено на два ритуали на пиење на утринското кафе. Едниот ми е дома, додека надвор се појавуваат првите зраци светлина и додека се разденува, слушам музика на слушалки и се засладувам со првите кофеински голтки. Ова ми е обично најомилениот дел од денот, бидејќи имам време да бидам сама со себе и да барам инспирација за нови теми на мојот блог. Откако ќе се поздравиме со денот, следува второто, прво кафе во Радио бар со другарките, пред секоја од нас да се впушти во работните обврски. Ова кафуле ни е од особено значење на целото друштво бидејќи тука сме како по дома. Има убава енергија и уште поубави луѓе, со кои и да дојдеш сам, веднаш си наоѓаш муабет и се дружиш.
Ме мотивираат многу работи, но најмногу неуспехот и „потрошеното време“ на кое скоро никој не му придава значење денес. Ако знаете да извлечете поука од неуспехот, таа може да ви биде водилка во животот и од неа да произлезат многу убави и креативни работи и да ви даде подобро чувство за тоа кој сте и што сакате. Од друга страна пак, како некој кој страсно и со цело срце пристапува кон сите животни обврски, убавите и позитивни луѓе, музиката, уметноста, природата и се што е креативно ми влијае на себе мотивацијата.
Бидејќи во моментот сум фриленсер можам сама да си ги распоредам работните обврски и да не зависам од строги рокови за работните задачи. Имам време да отидам на појадок, ручек или кафе со пријателите, да направам работни состаноци, да спортувам, да го водам мојот блог и максимално да се посветам на себе надградување.
Денот обично ми завршува дома или на гости кај пријатели. Кога сум дома обично готвам ручек, кој полека се претвора во вечера и гледам некој добар филм или серија пред да потонам во длабок сон.
Како внука на писател и некој кој своето детство го помина на подот во библиотеката Браќа Миладиновци , која во тоа време ми беше портал кон нови димензии и светови, секогаш прв избор ми е книгата. Во печатена форма секако. Јас сум „олд скул“ фраерка, па се уште сум зависна од мирисот и шушкањето на хартијата додека возбудливо ја поминувам секоја нова страница. Ова особено важи за книгите на мојот омилен автор Нил Гејмен.
Сепак, не можам да кажам дека не сакам и не гледам филмови, односно повеќе сум вљубеник на серии. Само би сакала поретко да другарувам со нив, зошто како двојна водолија во хороскоп, имам проблем што многу се соживувам со ликовите. Ете на пример, многу се соживеав со љубовта на Одри и Нејтан, посветеноста на Рик, храброста и пожртвуваноста на Ела и нејзиното пријателство со Мајк, Дастин и Лукас, остроумноста на Шерлок, перцепцијата на Кал Лајтман, фраерлукот на Томас Шелби… Кој гледа серии верувам дека потполно ќе ме разбере.
*Емилија Вучиновска - Моден блогер