Животна училница // Приказни
Утринско кафе со Ирена Петар: Сакам приказни со убави луѓе и среќен крај
Првото кафе го чувам за колешките во канцеларија. Утрото во домот е премногу хаотично за да можам да си испијам „раат кафе“, затоа си го чувам за на работа, кафе, муабет, читање вести и спремни за работа.
Добар предизвик, зад секој успех стојат многу часови работа и труд. Движечка сила е вербата во себе и во тоа што се работи. Работата со луѓе исполнува, но и исцрпува. Посебно кога ќе ми се спојат проекти на различни страни на светот, различни јазици, култури, сфаќања, очекувања. Нам никогаш не ни е досадно на работа.
Денот почнува со кафе - да се освестиме што се вика, следат осум часа работа. Периодов е баш набиен со проекти, ми следат трите самита за професионалци за човечки ресурси, првиот е во Белград, па следи Бејрут и на крај сезоната завршува со Љубљана. По часовите поминати во интензивна телефонска комуникација со нетрпение чекам да си дојдам дома. Ми требаат барем триесетина минути мир и почнуваме одново, кој кај бил, што бил, кај треба да оди и така до легнување.
Вечерите се за фамилијата, со најмилите • Посебно во зимските денови, не сум голем љубител на шетање по студ, јас сум летно дете. Со нетрпение ја чекам пролетта, ги сакам летните бавчи и долгите разговори со пријателите.
Обожувам добра книга, ако начекам таква во состојба сум и да не спијам. Посебно фантастични приказни во неколку продолженија. Сакам приказни со убави луѓе и среќен крај. Реалноста ни е премногу сурова, барам бегство во некој друг замислен свет. Во недостаток на добра книга, и сериите на нет вршат работа. Фала Богу на Нетфликс и останатите фини сервиси, и за тука важи истото правило, добра приказна и што повеќе продолженија, предност имаат сериите со убави луѓе .
*Ирена Петар е директор за глобална продажба во P World