Животна училница // Приказни
Утринско кафе со Небојша Толески: Утринското кафе го пијам сам
Го сакам утрото и не сум од оние кои се нервозни веднаш штом ќе станат од спиење па не сакаат да видат никој. Ама сепак, утринското кафе го пијам сам. Зависник сум од кафе. Сакам да го пијам во тишина, на тераса дури и на минусни температури. Овој ритуал ми е омилен бидејќи во тишината се соочувам сам со себе, со моите мисли. После тоа сум спремен за секојдневните обврски исполнети со секакви предвидени и непредвидени предизвици.
Ако немате волја за соочување на предизвиците ќе потонете во монотонија. Ме мотивира гласот во себе кој ме турка напред, желбата за напредок, животот едноставно.
До пред извесно време работев како моден новинар и темпото на работа беше брзо. Но, бидејќи работам и како моден дизајнер обврските сега се уште поголеми. Она што е најново кај мене е отворање на долго очекуваното сопствено модно ателје „Толески“. Во финални подготовки сум, хаос на сите страни, но набрзо ќе имам можност да го реализирам она што ми недостасуваше во мојата работа.
Денот завршува со чај за добар сон и во кревет. Вечерта обично ја поминувам со пријатели во некое кафуле или пак цртам скици со креации.
Често читам. Време кога се внесувам во други светови и барам инспирација за моите креации. Во моментов ја читам „Црната вдовица“ на Даниел Силва. Ги сакам и филмовите ама кога ги гледам секогаш грицкам нешто и на пола филм веќе сум изел се. Тоа во мојот случај значи дека бил добар филмот.