Ана Бунтеска: Ја исфрливме љубовта
Ги исфрливме чергите на буниште
Заедно со сите ронки на љубовта
Кои под нив крадешкум ги пикавме
За еден ден да се препнеме
И колената да си ги раскрвавиме
Ги исфрливме чаршафите од креветот
На кои едно време страста си ја постилавме
А сега веќе студени со години се
Небаре зимата во нив спие
Дур надвор црцори пролетта
Ги исфрливме чиниите
Во кои ја јадевме надежта
Полека и сочно џвакајќи ги соништата
Дур касајот в грло не ни застана
Гушејќи ја вербата во она што го имавме
Ги исфрливме алиштата
Оние во кои облечени бевме
Кога првиот опул го имавме
И кога со бакнеж си се капарисавме
За да мемлосаат на нашите тела
Ги исфрливме спомените
Во кои утеха баравме
А само неспокој наоѓавме
Оти потсетуваа на минати времиња
Во кои како други да бевме
Ја исфрливме љубовта од домот
Како партал за подови бришење
Оти искината ни остана кроткоста
Во која душите ко во колепка ни беа
Исфрливме се’ што заедно бевме
Се’ во што некогаш се колневме
Дека нечепнато меѓу нас ќе остане
И ене го сега дворот на нашиот раздор
Полн ѓубриште ко коров никнат
Ко да ќе купуваме ново за арно да ни биди
Иако и ти и јас знаеме
Оти од куќава само малтер ќе остане
И кров без ќерамиди ќе зјае
Низ кој ќе прокиснува тагата
По една јас која повеќе за тебе не е
И еден ти кој за мене не ќе бидеш
По едни двајца кои само збунети стојат
Меѓу четири ѕида заробени
Во празни одаи
И двор полн смет, полн пораз
За Женски Магазин, Ана Бунтеска