Ана Бунтеска: Те боли ли, Ана?!
Знаеш ли каков ти е одразот во напукнато огледало,
дури сите твои лица зјапаат прекршени,
претопувајќи се едно во друго,
та гледаш многу очи, зелени џамлии полни тага,
Те боли ли, Ана?!
Додека сама шеташ по дождот
и во душата ти накиснува,
а чекорите зад себе што ги оставаш,
се полни тежина насобрана со векови,
Те боли ли, Ана?!
И кога седиш на жешкото сонце,
криејќи се од светот зад големи очила,
прашувајќи се дали ќе има толку голем припек,
за срцето да ти одмрзне...ете тогаш,
Те боли ли, Ана?!
Кога си сама и пишуваш,
дур везеш зборови кои и другите што се како тебе ќе ги болат,
се соблекуваш на хартија и гола им се подаваш,
ги вадиш сите жилети од себе и крвариш пред сите...кажи ми,
Те боли ли, Ана?!
И дур стравуваш дека прерано ќе си заминеш,
дека болести ти го јадат телото,
дур се прашуваш дали ќе имаш време
за да љубиш барем уште еднаш,
Те боли ли, Ана?!
Проклета да си Ана,
со се’ што во себе носиш,
душата си ја согоре,
болката жива нека те изеде,
нека те боли... нека те убие од болка... Ана!
За Женски Магазин, Ана Бунтеска