10 години јубилеј на Скопје танцовиот театар
На денешен ден, пред 10 години беше изведена првата претстава на Скопје танцовиот театар, „Меѓусвет“, во кореографија на Рисима Рисимкин, со која званично започна со работа првата официјална современа танцова компанија кај нас.
Во својето 10 годишно постоење, Скопје танцовиот театар успеа да оформи извонреден танчерски кадар, во соработка со Скопје танцовата академија, а од 2017 година во соработка и со Универзитетот Гоце Делчев, каде што оваа програма за едукација на современи танчери се префрли и каде на високо професионално ниво обучуванови кадриво моментов. Компанијата во континуитет, во изминатите 10 години активно работи на создавање, промоција и презентација на современата танцова уметност кај нас, како и нејзин пласман на светската танцова сцена. Работата на овој театар промовира нова естетика кај нас и се бави со истражување и продукција во областа на современиот танц. Скопје танцовиот театар, има остварено повеќе целовечерни продукции зад себе, како: „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“; „Идентитети“; „Дома“, „Луцидниот Јос“, “Меѓусвет“; “Орландо“; “Човек во ходникот“;“ХОТ“; “Потрага“, серијата представи под име “ИМПУЛС“, потоа “О!(тело), “СМС (сите мои слики), “Блесок“; “Патот“, “Кожа“, “Нулта точка“, „Д.О.Л.“, „Егзистирање“, како и повеќе кратки кореографии. Во неговиот репертоар, покрај делата на Рисима Рисимкин, се изведуваат дела на кореографите: Џенис Бренар и Шон Скантелбјури од Њујорк, САД; Џоан ван Дер Маст, Нил Вердрун и Тим Персент од Холандија; Катцура Кан од Јапонија; Антон Рудаков од Германија; Антонело Тудиско од Италија; Јотам Пелед од Израел; Шимон Кубан од Република Чешка и други.
Компанијата овозможува развој на млади уметници, па така на сцената на Скопје танцовиот театар свое деби имаа повеќе млади кореографи, меѓу кои: Адријана Данчевска, Дејан Битровски, Матеа Киселичка, Дора Кокољ, Валентино Апостоловски,Александра Петрушевска, Андријана Андреева и други.
Скопје танцовиот театар има остварено повеќе гостувања, низ Македонија, како и во странство, и тоа во: Хрватска на Интернационалниот фестивал за современ танц и невербален театар, Санвинченто, (2011); Саем за танц, Дизелдроф и Културбункер во Келн, Германија (2012); ИТС фестивалот во Амстердам, Холандија, (2013); “Meet in Beijing”, интернационален фестивал во Пекинг, Кина, “Open stage program“ во Хаг и Ротердам, Холандија (2015), “Share” фестивалот, во Братислава, Словачка (2017 и 2019), „Mariytime Silkroad Festival“ (2017) во Чуанџо, Кина. Скопје танцовиот театар во 2018 година, со претставата „Кожа“ гостуваше на најзначајниот фестивал за танц во Европа - „Holland Dance Festival“, а во август истата година, го затвори 37-то издание на фестивалот „Battery Dance Festival“ во Њујорк, САД. Во октомври 2018 година Скопје танцовиот театар настапи на Интернационалниот фестивал за танц на Пекингшката академија за танц со проектот „Егзистирање“. Во 2020 Скопје танцовиот театар имаше настап на „Соло танцовиот фестивал“ во Анкара, Турција, со дел од претставата „Идентитети-Историја на еден растегнат сон“ на Рисима Рисимкин.
Во 2021 година Скопје танцовиот театар, како круна на своето десетгодишно постоење, има покана да гостува во Националниот театар Шајо во Париз, Франција, еден од најдобрите и најпрестижните светски театри за современ танц.
По повод јубилејот, Скопје танцовиот театар ќе има овозможи на своите следбеници и љубители на танцот, во петок на 9 април, во 20ч., бесплатно, премиено да ја проследат онлајн изведбата на претставата „Идентитети - Историја на еден растегнат сон“, на овој линк.