120.000 евра народни пари за џез и за музика од светот: Министерството за култура ја објави годишната програма

Министерството за култура одобри 7,5 милиони денари (над 120.000 евра) на Установата за уметнички дејности „Скопски Џез Фестивал Скопје“ за реализирање на двата фестивала кои традиционално се под организациска „капа“ на Оливер Белопета. Конкретно, парите се наменети за популарните културно-уметнички манифестации „Скопски џез фестивал“ и за „ОФФест“. 

За 39-то издание на „Скопски џез фестивал“, комисијата која одлучуваше за распределба на средствата од областа на музичката и музичко-сценската дејност, одобри пет милиони денари, а 19-то издание на „ОФФест“ ќе биде потпомогнато со два и пол милиони денари народни пари.

Минатата година Министерството за култура под раководство на Асаф Адеми одобри значително помала сума (три милиони денари) за „Скопски џез фестивал“. Тогаш Белопета имаше многу забелешки за работата на Министерството за култура и тврдеше дека има сериозни пропусти во оценувањето на апликацијата што влијае врз бодовите. Сега, се’ уште се нема огласено за висината на одредената сума за оваа година.

- Само еден фестивал во светот кој е поседуван од приватна компанија од САД се финансира од сопствени средства. Секаде во светот, а особено во Европа, фестивалите на џез и особено на ворлд музиката се финансираат директно од државата, без оглед дали од националните или регионалните министерства за култура - им реплицираше минатата година Белопета на оние кои сметаа дека државата дава премногу пари за проекти вон националните установи.

Поголеми или помали суми Министерството за култура ќе им даде на располагање на над триста поединци или компании кои се бават со музичка и со музичко-сценска дејност. За настанот „Авалон повикува 2020“ се одвоени 1,5 милиони денари (24 илјади евра). Над 30 илјади евра (2 милиона денари) ќе ѝ бидат доделени на Општина Штип за  „Макфест 2020“. Министерството за култура поприлично го одврза кесето и за 16-тото издание на „Танц фест“ (3,5 милиони денари) и за музичкиот фестивал „Сцена на албанската сериозна музика“ (3 милиони денари).

Комплетните резултати од Годишнитe конкурси за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2020 година можете да ги погледнете ТУКА.

Ѓ.С.