„Accor“ со поддршка на Кодексот насочен кон заштита на децата од сексуална експлоатација при патување и туризам

Добивај вести на Viber

Accor, светски водечката хотелиерска групација, Национална комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција на Република Северна Македонија и невладината организација Отворена порта – Ла Страда го потпишаа ECPAT Кодексот за соработка насочен кон заштита на децата од сексуална злоупотреба во индустријата за патувања и туризам, прв од ваков вид во хотелиерската индустрија во нашата држава.

Уште од раните деведесетти, невладината организација ECPAT International (Спречување на проституцијата со деца, порнографија и трговија со деца за сексуални цели), создаде мрежа од 85 субјекти во повеќе од 77 земји за да ги заштити децата и да им стави крај на сите форми на комерцијалнo сексуална експлоатација на деца. Оттогаш тие работат со претставници на туризмот и туристичката индустрија ширум светот,со цел подигнување на свеста и борба против сексуалната експлоатација на децата. Воспоставени се партнерства со засегнатите страни во индустријата, вклучително и примена на Кодексот за заштита на децата од сексуална експлоатација при патување и туризам. Кодексот е иницијатива предводена од индустријата и повеќе засегнати страни со мисија да обезбеди свесност, алатки и поддршка за туристичката индустрија во остварување на целите за борба и спречување на сексуалната експлоатација на децата при патувања и туризам. Учесниците во индустријата што го прифаќаат и потпишуваат Кодексот за соработка се обврзуваат да ги информираат потрошувачите и вработелите за нивната политика за заштита на децата, да пријавуваат потенцијални случаи и да применат други мерки за заштита на децата.

Кодексот за соработка во туризмот, создаден во 1996 година со поддршка на Светската туристичка организација (СТО) и секторот за туризам, за прв пат е донесен и усвоен во 1998 година. Истиот започна да се имплементира од туристичката индустрија од 2004 година.


За потпишување на Кодексот, потребно е исполнување на следните критериуми:

1.  Воспоставување на етички процедури и принципи против сексуална експлоатација на деца;

2.  Обучување на вработените за правата на децата, заштита од сексуална експлоатација и процедура за пријава на сомнителни случаи;

3.  Вклучување на клаузула во договорите во целокупниот синџир, во која е наведено заедничкото отфрлање и политика за нулта толеранција на сексуална експлоатација на деца;

4.  Обезбедување на информации на туристите за детските права, заштита од сексуална експлоатација и како да се пријават сомнителни случаи;

5.  Поддршка, соработка и вклучување на засегнати страни во спречувањето на сексуална експлоатација на деца;

6.  Подготовка на годишни извештаи за имплементација на активности поврзани со Кодексот.


Accor дава свој придонес преку едукација на своите вработени за откривање и пријавување случаи на сексуална експлоатација на деца во туризмот и угостителството и информирање на гостите во хотелот за ваквата политика и определба.Accor преку својата широка мрежа на светски брендови – ibis, ibis Styles, Novotel, Mercure, Pullman, MGallery, Sofitel и останати, официјално ја изрази својата волја за поддршка на овој концепт преку потпишување на Кодексот за заштита на децата од сексуална експлоатација во туризмот.

Заштитата на децата е една од нашите заложби за поддршка на одржливиот развој, која е во срцето на Accor стратегијата. Навистинасме многу горди што сме првата хотелиерска групација во Македонија што го потпиша Кодексот. Нашата заложба е масовно да ги едуцираме и информираме вработените, гостите и клиентите - за да се зголеми превенцијата и свеста за овој неприфатлив проблем. – коментира Катарзина Новак, Менаџер за корпоративни односи со јавноста и корпоративна општествена одговорност, Accor Југоисточна Европа.

Гобално присутни со повеќе од 4900 хотели, Accor има за цел да биде лидер во создавањето на трендовите за одржливост во хотелиерството преку континуирано создавање на вредности, вклучувајќи економски, одржлив и социјален аспект каде заштитата на децата е дефинирана меѓу приоритетите и е составен дел на етиката на Accor и Повелбата за корпоративна и општествена одговорност.

Accor е лидер во програмата за превенција во овој дел на Европа помеѓу нашите хотели повеќе од 5 години, во соработка со полицијата и невладините организации, преку организирање на редовни обуки за нашите вработени со цел подигнување на свеста, едукација и знаење за внатрешни процедури кои ја унапредуваат безбедност на децата. Цврсто веруваме дека денешното потпишување на Кодексот е голем чекор напред за натамошни посериозни заложби во градење на одговорен туризам во нашата државадодаде Катерина Илиевска, Генерален менаџер на Ибис Хотел Скопје.

Се проценува дека помеѓу 10-20% од децата во светот се сексуално злоупотребени за време на своето детство и дополнително, секоја година речиси 2 милиони деца се жртви на комерцијално сексуална експлоатација.Некои од сторителите се туристи и патници. Но, повеќето деца се тргувани во сексуално ропство, за што сведочат прикажаните слики од сексуална злоупотреба на деца ширум светот на интернет.Оваа појава не бележи намалување и одредени форми на сексуално насилство прераснуваат во се поголема грижа. Интернетот го олесни начинот на злоупотреба на децата и дистрибуцијата на материјалите со сексуална експлоатација на деца. Децата прикажани во порнографија, се сèпомлади, а сликите стануваат детални и се по насилни.

Националната Координаторка м-р Магдалена Несторовска нагласи дека: “Една од стратешките ориентации/заложби на Националната Комисија за борба против трговијата со луѓе и илегалната миграција е градење на континуирано партнерство со  приватниот сектор, бидејќи единствено преку создавање на широк фронт на чинители (државните институции, меѓународните и невладините организации, граѓанскиот и приватниот сектор) може да  се креира ефикасен, сеопфатен и координиран систем за борба против трговија со луѓе.

Напорите на Националната комисија се подеднакво насочени кон реализација на четирите клучни аспекти, односно 4-те принципи (превенција, заштита, гонење и партнерство). Денеска, со потпишувањето на Меморандумот за соработка  со хотелите од групацијата Акор ги остваруваме три од 4-те водечки принципи: градење на искрено партнерство со приватниот сектор кој ќе доведе го поголема превенција од сексуална експолатација на децата, а со тоа и нивна подобра заштита од криминалците.

Сексуалната злоупотреба и сексуалната експлоатација на деца се грозоморни злосторства кои имаат сериозни и долгорочно негативни ефекти врз децата кои биле жртви.Сепак, многу мал број на насилници се уапсени, а уште е помал бројот на оние кои се осудени.Не постојат статистички податоци за степенот на сексуална злоупотреба врз децата во Европа, но познато е дека постои голема разлика помеѓу бројот на формално пријавени случаи и реалниот број на случаи. Сексуалната експлоатација останува главна цел на трговијата со луѓе. Според извештајот на Национална комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција за 2018 година, во Северна Македонија се откриени 9 жртви на трговија со луѓе, од кои 6 се деца.

“Отворена Порта“ како здружение кое го пренесува гласот на жртвите и обезбедува нивна помош и поддршка, со задоволство се приклучува кон оваа иницијатива. Идентификацијата е клучен елемент за заштита на децата, и затоа соработката не само со институциите туку и со приватниот сектор, и сите други клучни актери игра значајна улога во обезбедување на соодветни сервиси, информирање и заштита на децата од трговија и сексуална експлоатација - изјави Јасмина Д. Рајковска, Извршна директорка на Отворена порта.