Алачки: Немам ботокс ни филери, секоја брчка ми е од децата
Секое утро е нов предизвик, a најважно од се е да се разбудиш среќен, е девизата на Адријана Алачки. Пејачката, водителка и претседател на здружението „Гастромак“ вели дека ѝ е важна менталната хигиена.
„Секој ден му се заблагодарувам на Бога за новиот ден, што сме здрави и живи и едноставно започнувам со мојата ментална хигиена. Тоа се јога техники што ги користам од многу одамна. Ако го миете лицето а умот не, тогаш немаме комплетна нега. Како се загадува лицето, така и умот од секојдневието. Здрав и стабилен ум , дава отсјај на лицето“, вели Алачки која во јуни наполни 52 години.
Таа е голем поборник на природниот изглед.
„Немам ботокс, хиалурон, филери. Не сум противник, но сепак кога ќе видам неприродно и лошо аплицирани пополнувања, верувајте, од глетката се чувствувам страшно. Треба добро да се одбере каде и кој ќе ви го работи лицето“, вели Адријана.
Поради начинот на живот, долготрајните снимања, патувања, ангажмани, стресот и заморот кој го прави своето, таа наоѓа третмани со брзи ефекти и хидратација на кожата од 30 минути.
„ Нема подобра козметика и сјај на лицето од здрави живи успешни и среќни деца и внука, и тоа се нарекува специјален третман за лице. И секоја брчка е од нив, и секој сјај е од нив“, ни изјави Алачки.