Ана Бунтеска: а кој може да каже крајот кога е
А кој може да каже крајот кога е
Оти почетокот се сеќава
По трепетот во душата
По пилето во срцето
Кое пее небаре биљбиљ излезен од кафез е
Та ширум ти се отвораат сите клетки
Како да можеш сета љубов на светот
Во едно трошно тело да ја збереш
Ама кој може да каже крајот кога е
И кога душичето ми ти се затвора
К’о врата зад некој ш’о си го испратил
Со збогум или само со лабав стисок на раката
Или пак со неважен бакнеж во левиот образ
Или неговите ладни усни на твоите кои како
од мраз да се
Кога е крајот на „ние“
И кога тоа „ние“ се расцепува на ти и тој
Како топол сомун кој надве го кршиш
Та после стискај го тестото за да се соедини
Ама џабе
Пак на истото место ќе се раздели
Со отпечаток на твоите и него’ите заби во него
И никојпат појќе исто не е
Иако и двете полојни вкусни се
Ама секоја сама за себе си лежи на софрата
Кога е крајот?
Дали е миг во кој љубовта се лади како мртовец
Или е како долга и тешка болест во која чо’ек полека
се суши
Како цвеќе без вода и сончевина во себе
И еден ден ко’ ќе се разбудиш гледаш дека ништо
не останало
Освен сува земја и свенати лисја
Дали крајот е како земјотрес кој руши сè пред себе
Или е како подземна вода која тивко разјадува
и поткопува
Дур еден ден не се пеплоса
Ете
Мене и на овие години ништо не ми е јасно
И не знам како да си ја објаснам смртта на една љубов
Која како дете е зачната длабоко во нечија матка
И родена со многу мака и болка
За после со олеснување да ѝ се радуваш к’о на доенче
Та ја чуваш и пазиш
Ѝ се тресеш к’о мајка да си ѝ
Ја растеш и штитиш
Дур’ еден ден не ја оставиш своја да е
Токму така, к’о дете да имаш
Та ко’ ќе порасне го пушташ на свои нозе да застане
Ете, чо’ек да стане и самото низ животот да врви
Ама да знае оти тука за него секојпат ќе бидеш
И секогаш умот и срцето кај него ќе ти се
Така и љубовта од себе еден ден ја пушташ
Со свест оти појќе не можеш во себе да ја чуваш
И дека е време да ја оставиш сама за себе да си постои
Да не ја врзуваш појќе за себе
И за него да не ја арчиш
Туку само така
Помирено и со насмев од себе да ја пуштиш
Знаејќи оти да умри не може
Оти вкоренета во тебе е
Ама дека и таа свој крај во тој облик има
Та ти олеснува некако
И ја закопуваш
Уб’о, со сите адети и почести
Со ниет и убав парастос да ѝ стокмиш
Ко’ ќе дојде време
За четириесетина дена
К’о за чо’ек
К’о за чо’ек, пиле
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска
Фото: Стојан Стојановски