Ана Бунтеска: Ако овој ден беше последен
Ако овој ден беше последен,
немаше да пишувам ама баш за ништо,
само ќе станев сабајлината,
со мирис на препечен тост и чај од нане во ноздрите,
ситни колачиња со цимет и жешко кафе.
Ќе поседев на балконот,
боса, облечена само во ноќница,
сета разбушавена и спокојна,
со поглед вперен кон Водно
и утринската магла.
Ќе запалев цигара,
со уживање ќе го повлечев првиот чад,
оној кој секогаш е на граница на бол во градите,
со оргазмично чувство на грев од мојот,
можеби единствен порок.
Потоа ќе се искапев,
долго ќе лежев во када полна вода,
додека не ми се смежурават прстите на рацете и нозете,
додека не остинеше водата
и почнеше да ми застудува.
Ќе се облечев лесно,
некој фустан, балетанки,
сосем малку шминка,
со расчешлана коса,
и неколку капки парфем на вратот.
Ќе отидев на моите омилени места,
да ги видам остатоците од старите куќи,
оние во кои имам оставено дел од младоста,
кои сум ги сонила не знаејќи дека постојат,
оние со кои сум зборувала во себе.
И до парк ќе појдев,
ќе легнев на трева со очи полни небо,
мирисајќи го здивот на зеленилото,
слушајќи ја тишината во мојот ум,
лебдејќи некаде меѓу детската врева.
Ако овој ден беше последен,
ќе посакав да потрае малку подолго од вообичаено,
за да имам доволно време,
за да можам да се простам со сите што сум ги љубела,
сите кои ме љубеле и тогаш кога сум била далеку од себе.
А ноќта со тебе ќе ја поминев,
тивко и питомо гледајќи те,
со сета нежност ќе те погалев и бакнев,
ќе ти кажев збогум во себе, никако гласно
и ќе си заминев оставајќи ти песна во срцето.
Ако овој ден беше последен,
токму ваков ќе го посакав,
за да се најдам секаде каде што се изгубив попатно,
да се простам и да си простам за се’,
за да заминам без да се завртам.
Ако овој ден беше последен...ќе беше совршен.
За Женски Магазин, Ана Бунтеска