Ана Бунтеска: Чудесно ме допираш
Чудесно ме допираш,
во умот ми продираш,
ми чепкаш низ мисливе,
како џамлии низ прстите ги вртиш,
па ги бараш оние најчистите,
прозирно зелените,
се надмудруваш со нив,
ме задеваш и скокоткаш.
Чудесно ме допираш,
а не те познавам,
ниту ликот ти го знам,
ниту знам како мирисаш,
или каков вкус имаш,
ниту пак гласот како ти е обоен,
а сепак си ми некако близок,
како да сме се сретнале некогаш, одамна.
Чудесно ме допираш,
со умот ме соблекуваш,
како низ душава да ми дишеш,
низ ветрот по лицето ме галиш,
со зборови во телово ми влегуваш,
некаде кај градите ми се вгнездуваш,
удобно во мене се сместуваш,
дур живеалиште за двајца станувам.
Чудесно ме допираш,
од далечина заведуваш,
со сладок немир ме обвиваш,
како шаренило од копнежи остануваш,
далеку, а сепак во мене преспиваш,
ме будиш со мирис на шума,
ме заспиваш со оној на страст,
дур низ денот мисливе на цимет имаат арома.
Чудесно ме допираш,
иако воопшто не ме допираш,
иако не знам ниту дали ќе те сретнам,
дали ќе посакам да се уверам дека постоиш,
но во душава топло ми е,
крвта забрзано ми струи низ жиливе,
се смешкам и убаво ми е дур сама сум,
додека ти, ти така чудесно убаво ме допираш.
За Женски Магазин, Ана Бунтеска