Ана Бунтеска: Чудни се патиштата Господови
Ги проголтав сите солени спомени
некако неосетно
како да сум на некоја забава
на која наместо печени лешници
солени сеќавања се послужуваат
кои убаво одат со по некоја капка вино
колку да се поттурнат
на јазикот залепени да не останат
да не стојат во грлото заглавени
ниту во утробата напластени
за човек од нив да не се поболи
да не му изгнијат внатре
во него како лоша болест да не останат
ете сега можам да те зборувам
со себе
со оние што блиски ми се
со тие кои телово свиено ми го гледаа
и ме нишкаа за утеха
небаре дете доенче сум
небаре ќе те изблујам во млазеви
и од тебе ќе се исчистам
па нова играчка ќе си најдам
оти таа старата веќе за в ѓубре е
и не рекле џабе старите
оти патиштата Господови чудни се
па те среќавам
некогаш на сон ми доаѓаш
како да не сме си кажале се’
со што сме се повредиле
како доволно да не се искасапивме
и од душите воено поле си направивме
на кое само две тела има
а крв колку што земјата не упива
па почнав и на јаве да те гледам
одминуваш
одминувам
како да ни се смее некој озгора
и во себе си вели “ајде сега да ве видам”
оти нели силни сме
ако од крв и месо создадени
ама со челични срца
груби во лицата
и во зборовите безмилосни
со стиснати дланки во тупаници
како доволно штета да не си нанесовме
ама ете
некој одлучил да се гледаме
демек случајно
ко да случајности има
и до крај да се истребиме
ти мене
јас тебе
болката повторно силни да не’ стори
до следната љубов
до следниот човек
до следниот живот
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска
Фото: Стојан Стојановски