Ана Бунтеска: Чуму
Чуму ти е азно в раце
Ако време на светов немаш
И пишано ако ти било
Рано патот удолу да го фатиш
Чунки парата в гроб не се носи
Ниту за оној свет ќе се најди
Оти секој гол и бос си заминува
Токму онаков каков што се родил
Чуму ти е та и времето
Ако к’смет во животот немаш
И ако таква чкртката ти била
Само за да се мачиш
Чунки и денот долг се чини
Ниту лезет ќе му најдиш
Оти ништо потешко од век чоечки нема
Во кој среќата со грб ти се наместила
Чуму азно, време та и к’смет
Ако страден за љубов гувееш
И ако години изарчиш да ја бараш
И пак со празни раце останиш
Чунки и срцето во љубов кога е
Поинаку чука, како да се радува и пее
Оти налет дом во кој чоек до себе немаш
И за арно и за лошо, еден за друг тука да си бидите
Ех
Чуму се’
Еве и да ти се погоди в златници да се капиш
И длабока старост да имаш
Та и среќа да те следи
И љубовта до тебе да ти спие
Ако здравје немаш
И ако наречници така ти прорекле
Тука да си, ама исто ко да не си
Да те тишти нешто што телото ти го јаде
Ама толку полека за да не те заболи
Туку само пустото да ти се рони
Како корка леб низ прсти ко ја вртиш
За гладни пилци да нараниш
Та џабе не се рекло
Здравјето само да ми те служи
А за другото потем лесно е
Оти ништо полошо нема
Кога чоек ко свеќа се топи
И кога се’ има
Ама исто ко да нема...ко никојпат да не ќе има
За Женски Магазин, Ана Бунтеска