Ана Бунтеска: „да имаш, па да немаш“

Добивај вести на Viber

Не сум суеверна

не есапам црни мачки

ниту бандери по тротоари

не поплукувам за да го избркам малерот

во дрво трипати не потчукнувам

а петок 13-ти та бил, та не бил, исто ми се фаќа

и не сум по адетите

ниту пак некојпат суеверна сум била

не верувам дека може некој некому магии да прави

ако душата чиста ти е и срцето светло

не

не верувам ниту во клетви

во поганштина на зборови со кои некому зло

ќе се случи

ама пусто во градиве страв ми се збира

ко’ ќе го чујам она

„да имаш, па да немаш“

и тогаш снагата ми трепери и ми се намовнува

та телово к’о рана жива ми е

а нервите внатре истенчени до пукање

и како со коцка мраз по грбот изврвена

како во сон гола ко’ се шеташ

како пред испит

како по болест исцрпена

ете така ми е

така во душата ми е ко ќе ми текне на

„да имаш...па да немаш“

та си мислам оти поголемо проклетство

од тоа к’о да нема

оти ко’ немаш не ни знаеш дека немаш

ниту знаеш дал’ страден си бил по нешто

дал ти недостига

а вака

вака душата да ти се мачи дур’ не умреш

да копнее и да се суши по она

од што само спомени ти останале

оти душата најмногу памети

и најдолго страда

најобилно крвави

а вака чо’екот здрав ти изгледа навидум

ама внатре во него пустош

и душата гробница му е

„да имаш, па да немаш“

како со нож во стомаков

како утробава да ми се отвора

да имаш

љубов да имаш

и во љубовта себе да се најдеш

а од себе и на другиот да му дадеш

да го нахраниш и напоиш

да го гоштаваш со тело и мисла

да имаш...и потем да немаш

со очи појќе љубов да не видиш

со раце да не ја помилуваш

со усни да не ја целиваш

оти ја немаш

оти клетва те стасала

таа

најстрашната од сите клетви

таа од која се умира луѓе

таа!!!

да ти даде Универзумот

Господ да ти даде љубов да имаш

и низ неа да живееш

за после да ја немаш

да ти се излизга низ раце

и низ срцето само гребаници да остави

та џабе и дишењето после

и сè е џабе

оти никој ист не останал

никој на себе не се вратил

по она проклетото

после

„да имаш... да имаш, па да немаш“


За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска

Фото: Стојан Стојановски