Ана Бунтеска: да можам да знам

Добивај вести на Viber

Да можам да знам

Што во градите ти спие

И која песна пилето ти ја црцори

Та дали во песната мене ме спомнува

Со копнеж по кожава која по тебе боли

И страст по усниве кои без тебе изгризани се

Да можам да знам

Да можам само да знам по која патека врвиш

И демек случајно на патот да ти се најдам

Со коси распуштени и кроток поглед

Премрзната на студов и со врелина во срцево

Па да ти украдам една насмевка

Набрзина и леко в образ да те бакнам

Мирисот уште еднаш да ти го сетам

И во градиве да го заробам

За да ми трае налето и до следната зима

Ех

Да можам да знам

Да можам да знам дали некојпат ме сониш

И дали во сонот љубов водиме

Рака в рака стиснати дали се држиме

И усните твои дали во вратов ми шепотат

Дур'на моите спијат сите воздишки за тебе збрани

Душо моја загубена

Љубов моја низ времево некаде испуштена

Да можам да знам дали срцето ти венее

И дали мислите накај мене ти се вртат

Дали мечтаеш со очи отворени

И дали душата за мене си ја затворил

Да можам само да знам

Во денот што ќе осамне дали сенката ми ја бараш

Или одвај ноќта ја чекаш за да не ја најдеш

Дали мирисот низ ветрот ми го ловиш

И дали некогаш ти доаѓа

Ете така

Од нигде никаде

Името да ми го промрмориш

Тивко за да не те чуе никој

Дури ни срцето твое да не знае

Да можам да знам

Дали кришум фотографии мои низ прсти вртиш

И дали спомени насмевки ти будат

Дали го паметиш телово по тебе како вие

И очиве како по тебе светат

Љубов одмината и истината

Прерано овената и предоцна најдена

Да можам само некако да знам

Во душата какви тајни за мене носиш

И дали уште окото твое ме бара

Дали некојпат ти иде

Прстите силно, до болка да ги стиснеш

Од немоќ и желба кожата да ми ја милуваш

Да можеш само да знаеш

Дека времето стои

А со него и душава моја

Во песочен часовник заглавена

Та ниту мрда

Ниту да претне може

Дури еден ден не препукне

И со неа сите часовници на светов не застанат

По тебе времето да престане да се мери

Да можам да знам

И да можеш само да знаеш

Колку еден без друг не нѐ бива

И колку сам по сам за гревота сме

Љубов моја

Душо моја

Да можеш да знаеш

Да можам да знам


За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска