Ана Бунтеска: да можам мисла да се сторам
Да можам за љубов да ти пеам
Ко биљбиљ на гранка расцутена
Под раскошна круна ти да дојдеш
И на трева зелена да легнеш
За да одмориш душа со мене
Дур’ меѓу лисја сончев зрак лице ти гали
Да можам соништа да ти раскажувам
Како приказни пред сонот да те фати
Да ги раскројам и зашивам по твоја мера
Со срмен конец порабени
И со нив да те покријам
К’о мајка чедо во студена ноќ
Љубов моја
Да можам слика да ти насликам
Од оково зелена да земам
За рајска градина да засадам
Од усниве црвена да исцедам
За покрив на куќата наша
Од кожава белината да ја извадам
И тебе крај мене убав да те стокмам
А јас до тебе к’о трендафил да цутам
Душо моја
Љубов моја никогаш прежалена
Да можам стихови да ти напишам
Секоја буква небо чисто
На небото ѕвезди од воздишки
А секој збор месечина к’о погача тазе измесена
Од рака на млада невеста
Та земјава светлина да се стори
И од неа к’о на извор планински
Главите да ни се доближат
А усните од исто да ни пијат
Пиле мое
Да можам крај тебе да се разбудам
И првото видело ликот твој да ми биде
Та насмев на усниве да ми осамне
И на срцево од топлина
Снег вековен да се истопи
Та да не му се мислам дал’ денот жива ќе го минам
Или ко’ ќе легнам дал’ мирно ќе заспијам
Да можам
Да можам мисла да се сторам
И во умот твој да се вгнездам
Та нежно по душа да те скокоткам
И од смеата твоја да се најадам
А од твојта љубов да се напојам
Да можам
Да можам време да се сторам
И назад да се вратам
Та онаму кај што едно бевме
Ете таму да застанам
Стрелките на сите часовници да ги искршам
И сѐ да сопре во еден миг
А мигот векови да трае
Во кои јас со тебе вечно млада ќе останам
Пиле
Љубов
Душо моја
Да можам
Само да можам... она што никојпат не ќе ми биде
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска