Aна Бунтеска: да му бидеш дом на тој ш’о го сакаш

Добивај вести на Viber

Ако дом не му дадеш на чо’ек

ништо не си му дала

ништо!

Зборојте се ветар и магла

допирот се одмива и кожата старее

песните не ќе ти живеат вечно

ама домот...

огништето ќе остане да грее

и кога жарот во него ќе изгаси

затоа на чо’ека дом да му дадеш

и не да му наместиш одаја, чупе,

ниту да ја украсиш со витрини

во кои со години стаклените украси

прашина ќе фаќаат и ќе самуваат

и не да купуваш скапи сервиси и ламби

од кои никој не ќе руча и виделина ќе нема

дом да направиш

телото и душата да ти закуќат

да му бидеш куќа на тој ш’о го сакаш

да му бидеш место каде ш’о ќе се одмори

кај што ќе здивне од животот

и кај што од смртта не ќе се плаши

да прилегне к’о дремка ќе го фати

да е слободен и свој

таков дом ако направиш

куќа од тули и малтер не ти треба

душата стокми си ја за двајца

полна шарени навезени прекривки

и расфрлани перничиња

за поуб’о да е

помеко да ви биде

и врата не клавај

остај си го срцето отворено

порта за таму не ти треба

оти чоек ко’ сака без кусур да фаќа

клуч за љубов не му треба

ниту катанец за да знае оти сам не е

остај го, чупче, срцето широко и отворено

остај за да знае оти со сила не го држиш

оти слободата ја има

оти и ние луѓето к’о пилиња во кафез сме

ако некој во градите нè клај

и да излезeме не ни дава

оти и луѓето црцорат к’о пилињата

ама и за навек занемуваат

ако во решетки ги затвориш

и џабе храна и вода

кога гладни и жедни за воздух умираат

џабе љубов

ако љубовта железни прачки има

та на ширење на крилjата ковчињата се кршат

отвори си ја душата

срцето отвори го

и немај страв, чупе,

туку од себе дом напрај

за себе

да имаш и ти каде да се вратиш

и од каде некаде да појдeш

и некој кај тебе да дојдe

да се закуќите заедно

да ви биди уб’о

и очите да ви се смеат

оти љубов на зборови не е љубов

ниту слободата е мир ако во кафез си

та бил и златен, кафез ќе си остане

направи се себеси куќа за твоето пиле, пиле мое

и тој за твоите крилца место во душата да има

оти ако дом не му дадеш на чо’ек

и ако дом за тебе во себе тој не направи

ништо не сте си дале

ништо

чупе мое, пиле мое


За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска

Фото: Стојан Стојановски