Ана Бунтеска: да си ја гледаш чергата, чупе

Добивај вести на Viber

Да си ја гледаш чергата, чупе

И под неа ѓубре да не збираш

Метла купи си

Од оние старите

Со долга дрвена рачка

И ако те бива ем ќе зачистиш

Ем ќе си се кикотиш на своја сметка

Оти и да леташ на неа можеш

Оста’и ги модерниве машини

Демек шмукале прашина к’о душа да шмукаат

Та ги гледам по телевизиине

Како за пет минути сѐ можело да светне

Ти метла да си земеш!

И по дома со неа да чистиш

И во себе некојпат

Околу себе ко’ ќе треба

Оти ѓубре и во тебе и околу тебе се збира

Ете така да си знаеш

Чо’ек ко’ си чисти редовно в куќа и пред порта

Нема време со туѓото ѓубре да си ги валка рацете

Не биди љубопитна да ѕирнеш кај комшиите

Или не дај Боже кај нив да сакаш да заметеш

Ете затоа во секој дом метла мора да има

Оти секој знае ум да дава секому

Та вака требало да се каже

Та онака требало да се напра’и

А да ги потпрашаш

Никој кај себе не си чисти к’о што треба

Ќе изнапикаат сѐ и сешто под ќилими

Ќошо’ите полни лоши мисли

Во плакарите сеништа од минатото

Ама сите паметни кај другите како треба

Не туку ме гледај така и ум бери

Метлата в раце

Што почесто, тоа поуб’о за тебе

Мрза да не бидеш

И да видиш како ќе засветиш

И ти

А и куќата ќе си ја спастриш

Она шро мака на срцето ти пра’и

И на градите ми ти тежи

Со метла да го подбереш

И одма в канта да го фрлиш

И не туку се пули во туѓото ѓубре

Ниту таму работа имаш

Ниту да даваш твоето друг да го чисти

Засукај рака’ите

Спастри косата и почни

Првото чистење е најтешко

И најдолго трае

Ама па ако си мудра

Секое следно полесно и пократко ќе е

И на душичето леко ќе ми ти стане

Туку вие младите нејќете така

Вие сакате сѐ к’о мачката со опашката да пра’ите

Вклучи струјата и ајт’

Набрзина сѐ ќе се зачистело

А ништо на овој век што е брзо не е арно

Затоа и животот така ви минува

Брзај ваму

Да стасаш онаму

К’о муви без гла’и трчате

Да не се знаело како метла в раце се држи

Демек модерни а ваму несреќни

Чергите да си ги гледате

И нозете да ги пружите толку

Колку што чергите долги ви се

Ни повеќе ни помалку

Без да аздисувате метлите в раце да ги фатите

И душите да си ги заметите

Ако сакате со лезет и убост живот да врвите


За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска