Ана Бунтеска: Далеку сум ти

Добивај вести на Viber

Далеку сум ти, далеку и од себе сум,

некогаш толку блиску до тебе, а отсутна,

со луѓе и врева, а во мене тишина,

та ми се чини оти во секој миг може да ме снема,

толку лесно и неприметно, толку природно,

што никој нема ни да сети дека ме нема.

Далеку сум ти, некогаш толку далечна станувам,

а не дека сакам, туку за да здивнам, да одморам,

да се стиши секој збор во мене,

да ми се наредат во умов за да ги извадам од себе,

оти вака натрупани само беља во душава ми прават,

ми врескаат во глава, ми се натрупуваат во прстиве.

Далеку сум ти, далеку и сакам повремено да бидам,

не затоа што не те љубам или не ми требаш,

туку заради силината на она што кон тебе го имам,

кое не можам да ти го покажам и кажам онака како што ми доаѓа

оти или мене или тебе, а можеби и двајцата ќе не’ убие,

та се тргам, не те допирам, небаре себе од тебе ќе се спасам.

Далеку сум ти, а колку повеќе бегам, толку повеќе заглавувам,

со сите сетила пикнати во твоите пори,

со сета страст со која ти оставам белези по телото,

а со смешна гордост твоите на себе ги носам,

накитена со сите твои стисоци и бакнежи,

со сета љубов на себе како во нов фустан облечена.

Се лажам дека доволно далеку сум ти и дека нема да ме болиш,

дека мирна ќе сум во себе ако до мене повеќе не си,

дека нема срцето со бодликава жица да си го обвијам,

дека лицето нема повторно да го скаменам,

дека ниту една солена капка за тебе нема да пролеам,

а те љубам...дур се лажам дека далеку сум ти.


За Женски Магазин, Ана Бунтеска