Ана Бунтеска: Денови за славење

Добивај вести на Viber

Некои денови светат поинаку

Како премачкани со златна боја

Чиј сјај го засенува и сонцето

Од убост, од милост, од гордост

Та ти се чини оти душата ти се шири

И како телото да ти го напушта

Од што веќе не ја бери внатре

Некои денови мирисаат поинаку

На барут од минатото

И на тазе искосена трева

Од која иднината зазеленува

Та во себе се помолуваш

Да ги има што повеќе

За да ти се насмее надежта в лице

Некои денови имаат поинаков вкус

Не те штипат за јазикот

Не горчат ниту накиселуваат

Ами те оставаат да им се насладуваш

И сити те држат со векови

Оти се доволни за најаска

Од која утробата со љубов ти се полни

Некои денови те прават поинаков

Некако поубав и поисправен

Со глава крената угоре

И со грижи натиснати удолу

Како да се допрени од судбата

Како да ти ја искроиле живеачката

Која сега, денес и тука ја имаш

Некои денови

Ех, некои денови се светост

Во кои предците ти се пред очи

И во нив семката своја си ја наоѓаш

И на тие кои по тебе ќе останат

Та како поголем човек да стануваш

И силата во тебе се враќа

И тогаш знаеш оти можеш

Оти знаеш како да ги искрепиш

Сите сомнежи и препреки

Сите болки и слабости

И од смртта да не се плашиш

А раѓањето на вербата да го прославиш

Оти некои денови

Некои денови се побогати од азно

Некои денови се почисти од детска солза

Некои денови...

Некои денови се поголеми од сите други

Оти во нив себеси се наоѓаш

И знаеш оти вечни се, вечност ќе се

ЧЕСТИТ ИЛИНДЕН


За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска