Ана Бунтеска: До гуша во љубов цапаш
Ко ќе ти се врзе јазикот во чвор
па се плашиш случајно да не си го голтнеш
и ќе занемиш небаре некој устата ти ја сошил
па не знаеш како да му кажеш
дека само на хартија силна со зборови си
а дур пред тебе е само со очи го впиваш
и дека раката на момент ко ќе ти ја допре
тебе ти се чинат векови полни топлина
и секаде си, само не таму кај што си
снемува звуци
сиот метеж како со рака однесен е
и секој нерв во таа точка од раката ти е сместен
кај што неговата допира
и дека тогаш експлозија од бои во главата имаш
каде жолтата сина станува
а црвената мириса на среќа
ама ај кажи му!
кога пред него тивка си
и низ него гледаш небаре воздух е
сериозна си како светот да се срушил
ликот камен
а внатре вулкан
и срцето ти бие како на преплашен зајак
а мирисот му го сеќаваш како во тебе да е
и те боли телото оти “не” му велиш
оти умот ете така наредил да биде
дур кожата по него ти цвили како кутре
и си одиш
исчезнуваш
или барем физички те нема
дур таму мислата за него ти останува
и по пат пееш како дете
оти на сиот страв, убо ти е
се смешкаш и по облаци одиш
во срцето гушната со него заспиваш
и тогаш знаеш
дека во длабокото почнуваш да газиш
и бељата си ја навлекуваш
па ќе си речиш “ај, за арно да е”
оти да бегаш немаш каде
а и не ти се ни бега веќе
ниту од него, ниту од себе
и цапаш, до гуша во љубов цапаш
оти си ко 15 повторно да имаш
ете си...вљубена
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска
Фото: Стојан Стојановски