Ана Бунтеска: Добро да сме...живи да сме
кога ќе ја тргнеш суетата
како завеса која пред очи ти е
цел живот, цел еден век
и ќе прогледаш
за да видиш
не за да гледаш само
и угол гола пред огледало ко ќе застанеш
со сите лузни
како онаа од царскиот рез
и оние кои животот ти ги дарил
кои со голо око се невидливи
ама ти си ги знаеш
оти под кожата си гледаш
и знаеш каде те боли
каде зарезот е посилен
поголем и подлабок
некаде меѓу градните коски
кај што штракалото ти чука
ете таму налево
и кај вратната жила кај што ти бие
како да те потсетува дека жива си
уште
сеуште
и дека сите борби кои поминале
те оштетиле и осилиле
за да си спремна на следната
со себе и светот
за да се помириш со она што не си
и го голтнеш стравот дал ќе станеш она што сакаш
а во меѓувреме
среќна да си ваква
токму ваква каква што си
со годините кои ги носиш
љубовта која тебе те носи
стравот на кој му пркосиш
смртта на која и’ се потсмеваш
и денот
токму овој
токму сега
кој го дишеш
па си велиш “добро е, тука сум”
со сите кои во душата ги имаш
и во чија душа се имаш всадено
до утре
да наздравиш со нив
со чаша вино и музика
солзи и смеа
за тука да сме
добро да сме
живи да сме
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска