Ана Бунтеска: дојди, дур’ уште паметиме љубов што е
Дојди ми
Оти младоста брзо си оди
Бега к’о на мало дете топката
Што случајно ја поттурнува со ножето
Дур’ се труди да ја дофати
Дојди ми пиле
Дур’ уште паметиме љубов што е
И колку е ретка со староста што иде
Та ни ваму ни таму сме
Умо’ите ни се веќе уморни
А и телата нѐ дробат
Еве
Еден чекор ќе направам
И дланката ќе ја испружам
А и ти не стои во место
К’о да не знаеш што со себе
Дојди ми пиле
Ела ми дур’ не сум престарела
Дур’ да љубам не сум заборавила
Дур’ рацеве уште млади за галење се
Дур’ лицето ми е уште мазно и светло
Дур’ срцево не е доотруено од самотија
Само ти дојди ми
Насмеан и со сјај во очите
К’о првпат да се пулиме
А јас ќе знам срцето да ти го чујам
И светлината во тебе да ја видам
Дојди без суета и лажна гордост
Исчистен од црнила и минатото
Та заедно ќе учиме среќата дека минлива е
И колку е скапа радоста
За да не се ценкаме за миг или ден поминат заедно
Дојди ми
Дојди песна за да ти напишам
Една од оние кои ќе се читаат без здив
И која на гради ќе легне
Како топол чај сред зима
За да ни ги згрее срцата изладени
И кафезите во кои пилињата ни спијат
Да ги отвори ширум
К’о портите што за свато’и се отвораат
И со слатко и бистра вода се служат
Пиле
Пиле мое
Дојди ми
Дојди како што кон себе би поитал
Без прашања на кои одговор немаме
Без сомнежи од кои се плашиме
Без празни муабети и шупливи зборо’и
Дојди со мерак
И од мерак остани
Дур’ млади сме
Дур’ тука сме
Дур’ живи сме
Дојди ми
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска