Ана Бунтеска: Дојди ми да си молчиме

Добивај вести на Viber

Ги подготвуваш сите зборови кои би ми ги кажал

Долго и полека

Како момче кое за венчавка се токми

Со онаа која долго, многу долго ја чекал

Та не сака ниту случајно нешто да изуми

Нешто да остане некажано

Небаре секој заборавен збор ќе тежи к’о планина

И еве

Ги подготвуваш к’о дечиња за на училиште

Измиени, исчешлани, убаво облечени

Наредени во низа која треба којзнае што да ми каже

Твоите зборови

Кои мене ништо не ми значат

Та си велам

Ајде да помолчиме малку

Еден наспроти друг некаде да седнеме

И в очи да си се пулиме

Одмори си ги зборовите

Ќе ти се најдат за некое друго време

За некоја друга љубов

За некој друг ти

Со некоја друга јас

Еве со мене, сега и овде молчи

Сакаш можеби да пробаме мислите да си ги читаме

И на хартичиња да си ги запишуваме

А потем ливчињата да си ги смениме

И крадешкум за секоја погодена мисла

Кришум да се погледнуваме

Со страв и страст

Со чудење и препознатливост

За која одговори нема да бараме

Остави ги зборовите

Тие и онака еден ден ќе избледат

И никој на нив нема да се сеќава

Но секојпат ќе ти го помнам сјајот во очите

Дур’ си ме гледал како косата ја подместувам

Или како срцето ми биело дур’ ти цигарата ја палиш

Остави ги зборовите

Јас барем во нив среќа не сум нашла

А не верувам ни дека ти посреќен со нив ќе си

Тие мед и пелин се

Лек и отров за нашите и онака кршливи срца

Еве ако сакаш со допири ќе се лекуваме

Доволно е твојот најмал прст воздушесто мојот

да го допира

За да се чувствувам к’о во мене да си

И како во вратот ми дишеш

Сосем доволно за да ми ги сетиш ноктите на грбот

И постелата на мене да ти мириса

Остави ги зборовите кои со векови ги токмиш

Проголтај ги и никогаш не изговарај ги

Налет да се

Само празни гласови се

Слогови и слогови кои ништо за тебе не ми говорат

Букви кои за мене ништо не ќе ти речат

Со очите зборувај ми

Со нив кажи ми го она

Што зборовите секогаш го премолчуваат

Со нив слечи ме и љуби ме

А потем нежно облечи ме

Оти надвор зима ќе фати

Еве, дојди

Дојди да молчиме

Дојди за љубовта да си помолчиме

И така молчејќи еден цел роман да напишеме

Дојди ми

Дојди... да си молчиме


За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска