Ана Бунтеска: Дур од љубов не се убиеме, за живи да останеме
Ајде да се преправаме
дека среќни сме
дека не си недостасуваме
дека дур љубов со други водиме
телата ним им припаѓаат
дур само кожата ни’ ја имаат
Ајде да се преправаме
дека повторно деца сме
безгрижно во паркот седнати
од песок дом градиме
за соништата во него да ги сместиме
до првиот ветар, до првиот ветар
Ајде да се преправаме
дека не се љубиме
дека ова занесеност е
дека не сме си загризале во душите
дека е само еден обичен фол
без бол, проклетство, само без бол
Ајде да се преправаме
дека на светов сами сме
ти и јас наш да создадеме
од црвени мечти
зелени мириси
и црно-бело небо, бело-црно нека е
Ајде да се преправаме
дека сега еден до друг сме
ти во мене
јас со ноктиве во тебе
дур не заспиеме
дур од љубов не се убиеме, за живи да останеме.
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
ФОТО: Стојан Стојановски