Aна Бунтеска: Душа не е за најаска
Да дајш љубов
Ко храна за најблиските да спремаш
За оние кои се од твоето цело-откорнати
Ете, ними храна да им спремиш
Или душата на тацна да им ја послужиш
Со часови в кујна затворена
Ко скромна домаќинка (што никогаш нема да станеш)
Ама спремаш
Оти тие ти се
Оти за љубов е и со љубов мора да биди
Та клаваш престилка на себе
Бела, побела од снег
Испеглана за на рабојте прсти да си исечиш
Ја врзуваш вешто и енергично
Ко војник пушката пред бој што ја спрема
Ја врзуваш косата силно, до бол
Собрана горе на темето
Се расфрлаш со брашно
Како мислите низ глата ко си ги чачкаш
Потпевнуваш во себе малку поднасмеана
Потпевнуваш нешто шо си го чула одамна
Ама ти влегло во глата и никако да излези
Готвиш пиле
Љубов готвиш за двајца
Тураш прстофат магија
Неколку филџани кревки љубовни нишки
Пенаста и воздушеста молитва за да останите заедно
За да се крепите и во староста
Готвиш во себе, ама од себе
Душата како порција за двајца
Еве, вкусен колач нека биди
Тесто и крем
Глазура од шумско овошје
Расфрлани плодови низ пајнцата
И не си уморна
Оти љубовта не уморува
Со ќеф сервираш
Чисто, мало, бело пајнче
На него парче од душата
Ах, простете
Парче од вкусниот колач
Малку прав-шеќер
Измерено од око
Ама ниту едно зрнце отпоќе
И капки крв
Ах...повторно...мислев на капки џем
Две лајчиња, од некој стар сребрен комплет
И седнуваш
Чекаш
Одбиваш во часовникот да гледаш
Ама чекаш
Трпеливо и исправено седната на столче
И ете, доаѓа
Седнува карши тебе
Тебе очите ти светат по љубов
А некому само по храната
Оти само тоа гледа дека е сервирано
И не те дочекува да наздравите
И заедно да се послужите
Туку граба со лајчето
Јади ко невидено
А тебе ко да ти греби во душата
Ко со лопата некој од неа гроб да прави
И ти иди само трошките да ги собериш
Само она што останало од нечија алчност
И нежно в раце да ги држиш
Како она што од душата ти останало
Од нечија перверзна алчност
Да шепниш оти душа не е за најаска
И да си заминиш не вртејќи се
Ниту соблекувајќи ја престилката
Оти бело ти стои, бело толку убаво ти стои
Со таа црвена дамка под левата града
За Женски магазин поетесата Ана Бунтеска
Фото Стојан Стојановски