Ана Бунтеска: Еден човек две сенки
Понекогаш ми ја пресекуваш сенката
Додека некаде брзам
Со главата нурната удолу
И мисли густо збиени
Та ме сепнуваш
Оти меѓу илјадници други
Твојата сенка ќе ја издвојам
Како мајка која го двои
Најубавото парче месо за детето
И го гледа со нежност
Како со сласт јаде
Како жена која се токми
За средба со саканиот
И знае точно кој ѓердан
На вратот ќе го намести
Како млада мома
Која ја одбира најубавата нијанса
На црвилото за усни
За да го намами окото на љубениот
Ете така
Токму така душава
Твојата сенка ќе ја препознае
И ќе потскокнам
Што од срам дека се радувам
Како радоста да е забранета
Што од страв што ќе ти речам
Како да немам веќе зборови
Што од болка кога ќе се присетам
Оти џабе е сета наша средба
И веднаш со поглед те барам
Низ мноштвото непознати лица
Во кои ниту те наоѓам
Во кои ниту се снаоѓам
И повторно главата удолу ја веднам
Знам...
Не е дека не сум токму
Оти сенката ти стои врз мојата
Та пак кога со очи те барам
Не гледам ништо што препознавам
И еве минаа години
Скоро една деценија стана
Откако сенките како пришиени ни се
Каде оди мојата
Таму е и твојата
Каде ќе киниса твојата
Таму трча и мојата
И си мислам колку некогаш товар имам
А и како клетва некоја ми е
Еден човек две сенки да носи
Еден човек две сенки да има
Еден човек како надве пресечен
Ама без љубов останат
Освен сенката на оној
Кој никојпат не се заборава
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска