Ана Бунтеска: Еден ден

Добивај вести на Viber

Еден ден на себе повторно ќе се вратам,

уморна од сиот изоден пат,

остарена за еден цел отсонуван живот,

побелена, а со црвени мисли во умот,

со мирис на ментол бонбони скриени по џебовите

и со вкус на тага по младоста во устата.

Еден ден со себе повторно ќе се сретнам,

како со стар, добар пријател ќе се изгушкам,

ќе си ги раскажам сите проживеани приказни,

ќе се потсмевам на годините кои  одминале,

со староста, како лисицата и грозјето ќе се утешам

и сама со себе спокојно ќе си поќутам.

Еден ден со себе повторно во мир ќе бидам,

па ќе си ги отплачам сите гревови кои ми биле сторени,

или кои јас некому попатно сум ги сторила,

ќе простам, ќе побарам прошка,

ќе си бидам сведок на збогување со суетата

и потем олеснета, со мирна совест ќе здивнам.

Еден ден сама на себе “простено ти е” ќе си речам,

та со ова будалесто срце мир ќе склопам,

ќе си поприкажеме за сите љубови со кои сум го оштетила,

ќе се потсетиме на оние кои повеќе не се меѓу живите,

со по една чашка за спокој на душа ќе им наздравиме

и по некој убав збор за нив ќе кажеме.

Еден ден, оној-последниот ден,

себе во себе повторно ќе се пронајдам,

со лудата црвенокоса како дете ќе танцувам,

ќе и’ шепнам дека и покрај се’, сум ја љубела најдобро што сум умеела,

а потем вдишувајќи ја светлината од месечината очи ќе затворам

и во себе, од себе со тивко “збогум” ќе се разделам.

За Женски Магазин, Ана Бунтеска