Ана Бунтеска: една е Мајка

Добивај вести на Viber

Таа е висока 162 сантиметри

Црвенокоса со кратка фризура

Има заразна насмевка

А велат дека очите на неа ми се

Пенџериња во кои светот се огледува

И со нив знае и да ти каже дека те љуби

И сочно да те опцуе к’о маж

Таа е гласна онолку колку што јас сум тивка

И одлично се снаоѓа во турканици

За разлика од мене

Умее во исто време и ручек да направи

Да разговара на телефон

Патем да запегла

Да ми каже оти косата ми е к’о ураган низ неа

да минал

А и дека семката прилепска ми е ко’ ќе ми е лута

Ах

Таа знае да ме изнервира толку многу

Што ми се чини дека од кожа можам да излезам

И не се помирува оти костими на работа не носам

А и дека не клавам доволно црвило на образите

Попатно да ми ја подмести кошулата

И да истресе невидлива прашинка од неа

Критички да ми се пули во ноктите нелакирани

И да ме искритикува што не се однесувам како дама

Таа е битолчанка

И по мајка и по татко

Мажена за прилепчанец веќе 46 години

И ден денес се расправа дали Домот на културата

во Битола

Е изграден пред Марко Цепенков во Прилеп

Таа е памук во емоциите

И камен во зборовите

Нежна и груба истовремено

И била истрајна во тоа дека ќе се викам само Ана

А не Ана-Марија

Демек ќе сум била к’о од шпанска серија

И никогаш за неа не сум била принцеза

Не за друго

Туку оти онаа принцезата Ана била (да ми прости)

коњеста

Таа е онаа која на пенџере ме чекаше

И во ситните часови ко фурија од спална ќе излезеше

За да се развика оти доцна дома сум се вратила

Оти не забележала дека саатот ѝ застанал

на 3 часот попладне

Таа е мојот грб

Доволно голем за ме задржи кога паѓам

И да собере сила напред за да ме турне

И онаа која неутешно плаче на секоја моја песна

Оти знае дека среќен човек не пишува вака

Таа е мајка-баба на моето чедо

И често и неа ја нарекува со името мое

Како ние две да сме едно во нејзиното срце

Таа е ќерка на онаа моја баба која местото во песните

го има

И душата од дедо ми ја носи

Широка небаре небо во градите има

Таа е мојот столб

На кој се навалувам за да одморам

Таа е онаа заради која морам да носам џемпер

Оти нејзе ѝ студи

И која уште дете ко’ бев ми рече

„и ти чупе ќе имаш, знам“

Таа е моето огледало

А јас сум нејзината книга отворена

И секоја буква ми ја знае

Секоја болка по двапати ја живее

Еднаш мојата

А вториот пат својата за мене

Таа е

Таа ми е... моја

А јас како стареам неа во себе ја гледам


За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска