Ана Бунтеска: Ела си
Ела си
Остави ги мислите настрана
Остави ги за некое друго време
Во кое нема да сме заедно
Смести ги некаде подалеку
Во она мало сопче
Во кое чуваш дребулии
Остави ја и суетата таму
Еве и мојава фрли ја во тој неред
Ниту ја сакам
Ниту ми треба
Ела си
Без на себе да носиш мирис
Од некоја на која името не и’ го паметиш
И која изветреала и пред да остави трага
Или четкичка за заби во купатилото
Во кое нема пешкир оставен и за неа
Измиј го од себе присуството
На таа, некоја си таму
Која не загребала ниту со ноктот од малиот прст
За да допре до она што го криеш
Толку умешно и до совршенство
Дури и од самиот себе
Ела си
Дојди со сите стравови
И закоравени ставови
Дека нема да ме љубиш
Дека нема да си дозволиш да ме заљубиш
Ич не ме слушај кога ти мрчам
И кога се правам дека знам се’
А најмногу за љубовта која не ја познавам
И попатно се’ фрли во канта за смет
Која ѓубреџиите ќе ја соберат изутрина
Стежната од дамнешни болки
Ела си
Не се инаети
И не оставај ме да се инаетам
Налет божемна гордост
И покажување сила
Онаму каде што за нежност пекаме
И за допир и двајцата плачеме
Во себе и никако пред светот
Чунки некому му е грижа за нас
А и нам за тоа што ќе речат другите
Одамна се тие приказни зад нас
Или ние зад нив оставени
Ела си
За да го надмудриме времето
Кое ниту ти
Ниту јас го имаме
Ела си
За да не изветрее виното отворено
Кое мирува во две чаши
Поставени една до друга
Ела си
Без да те викам
И без да се најавиш
Без помпи и спремања
Ела си
Само ела си кај мене...ела си дома
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска