Ана Бунтеска: Ете, само толку ми треба, само толку сакам да знам
Не сакам да знам за иднината,
ниту минатото ме гребе во умов,
доволна ми е сегашноста да ја вдишам,
градиве да ми се наполнат дур ја впивам,
а потем полека, како чад од цигара да ја издишам.
Не сакам да знам колку ќе останеш,
ниту пак сакам да го знам денот за збогум,
ете, само мигот на твојот здив во вратов го сакам,
кога кожата ми се наморничува и срцево ми трепери,
дур на мене невидлив отпечаток оставаш.
Не сакам да знам дека има и други бои на светов,
ниту сакам да знам дали ќе ми прилегаат со мислите,
сосем ми е удобно во црвеното и зеленото кое цути во мене,
како создадени за оваа моја луда глава и кревко тело,
кои спокој и мирис на среќа во душава ми носат.
Не сакам да знам за утрата и галежот на сонцето,
ниту совршеноста на денот ми е некаков предизвик,
сакам ноќите да ги живеам во стихови,
со месечината да си намигнуваме небаре другарки сме,
во молк кој ниту мене, а ниту пак нејзе и’ тежи.
Не сакам да знам дека еден ден ќе ми секне пишувалото,
ниту сакам да знам што ќе правам со себе тогаш,
го живеам овој миг дур зборови везам, небаре чеиз спремам,
ете, да си кажам во умов што ми се врти и бара да излезе надвор,
а потем олеснета за неколку зборови на раат да си легнам.
Не сакам да знам дали утре ќе се разбудам,
ниту сакам да знам дали оваа ноќ ќе е последна,
сакам само со вкусот на овој ден мирно да заспијам,
со мирисот на косата на ќерка ми да се успокојам,
со себе каде и да сум кинисала да го однесам.
Сакам само да знам како мириса Ирска,
каков е вкусот на твоите бакнежи во дождлива ноќ,
какво е чувството кога би можела да летам,
дали навистина љубовта на допир е како да се галат облаците,
ете, само толку ми треба, само толку сакам да знам.
За Женски Магазин, Ана Бунтеска